Алтернатива Скопје Чита

Вечен дожд

Сподели:

Стоиш помеѓу капките дожд

што лебдат околу тебе

како сите неизречени зборови мои

со кои те љубам

повеќе од љубовните пораки,

коишто тивко минуваат

низ сите жици и сателити

и светот го држат

како и јас тебе в прегратка нежна…

Те гледам низ капките дожд,

а секоја од нив –

сеќавање со сеќавање, сон со сон,

живот со живот спојуваат

и по лицето твое течат

и пак си толку убава

како и првиот пат, кога надвор од времето,

ме бакна со сето време на овој свет.

Заштитени од  тишината на дождот,

меѓу капките стоиме двајцата ние

и љубовта ко силуета на ангел

оцртана под дождовната пајажина

и одеднаш од молњата ноќна осветлена

во еден град којшто траеше сал еден миг –

доволно да се сетиш

како на светлината од животот свој

со мислите ко со сенки

си играш на еден ѕид за кој и денес не знаеш

колку силно удираш со дланките,

кога со кошмар на усните се будиш

и никогаш не си сигурна

што ли се вистински се случило

среде тие секогаш поинакви сеќавања,

кога на рацете твои сум умирал…

И пак се продолжи,

кога една сенка си играше со телото мое

во таа летна ноќ,

кога и сонцето и месечината и небото

лебдеа со молскавицата в капките дожд,

додека те гледав и препознавав,

додека ме гледаше

и да те изустам чекаше, Љубов моја…

 

Борче Панов

Сподели: