Верификувани мандатите на новоизбраните пратеници во Собранието

Сподели

На конститутивната седница на Собранието на РС Македонија, одржана на 28 мај 2024 година, уредно беа верификувани мандатите на новоизбраните пратеници во eдинаесеттиот состав на Собранието.

Притоа Собранието констатираше дека: „На претседателот на Владата и на одреден дел на членовите на Владата со верификацијата на мандатот за пратеник, согласно член 8 став 1 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата. Заради обезбедување континуитет во работата на Владата, Владата ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова влада.

Оваа практика не се случува за прв пат. Имено, записите за минатите собраниски состави укажуваат на слични констатиции, и тоа:

–  во мандатниот период 1998-2002 на конститутивната седница одржана на 19 ноември 1998 година констатирано е дека: „Согласно член 6 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на претседателот на Владата и на одреден дел на членовите на Владата со верификацијата на мандатот за пратеници им престануваат функциите во Владата и дека заради обезбедување на континуитетот во работата на Владата, а согласно член 93 од Уставот, Владата ќе ги врши само неопходните функции до изборот на нова Влада.“,

– во  мандатниот период 2002-2006 на конститутивната седница одржана на 3 октомври 2002 година, констатирано е дека: „ Согласно член 6 став 1 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на претседателот на Владата  и на одделни  членови на  Владата со верификацијата на мандатот за пратеници им престануваат функциите во Владата и дека заради обезбедување на континуитетот во работата на Владата, а  согласно член 93 од Уставот, Владата ќе ги врши само неопходните функции до изборот на нова Влада. “ и

– во мандатниот период 2006-2008 на конститутивната седница одржана на 26 јули 2006 година по верификацијата на мандатот на пратениците се констатира дека: „ на претседателот на Владата и на одреден број  на членовите на Владата со верификацијата на мандатот за пратеник, согласно член 8 став 1 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата и  заради обезбедување континуитет во работата на Владата, Владата ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова Влада.“

Имено, кога не станува збор за оставка на претседателот на Владата, односно на Владата, кога и е изгласана недоверба на Владата или кога е распуштено Собранието, во Уставот, Законот за пратениците, Законот за Собранието и Изборниот законик, не постои одредба која што го уредува прашањето за функционирањето и престанокот на мандатот на Владата, во периодот по конституирањето на Собранието до изборот на нова Влада.

Во конкретниот случај треба да се има предвид дека во членовите 43, 44 и 46 во Законот за Владата уредено е прашањето за престанок на мандатот само на министерот за Внатрешни работи и на министерот за Труд и социјална политика и за престанокот на функциите на дополнителните министри, а за претседателот на Владата и за останатите членови на Владата во законот не постои решение ниту постапка за престанок на функцијата.

На овој начин, и на 28 мај 2024 година преставниците на политичките партии во Собранието пред конститутивната седница и на самата конститутивна седница останаа конзистентни, односно остана на ставот на Собранието од наведените мандатни периоди, заради обезбедување континуитет во работата на Владата, Владата да ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова Влада. 

На овој начин се обезбедува стабилноста и уредната транзиција на власта, обезбедувајќи продолжување на виталните функции на владеењето без било каков престанок, информираат од Собранието на РСМ.