Вевчанскиот карневал е национален бренд – спој на културата, традицијата и туризмот

Сподели

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на денешната прес-конференција на која беше најавено претстојното издание на традиционалниот Вевчански карневал, го истакна значењето на  како што рече, еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, со над илајада годишна традиција.

Тој подвлече дека Вевчанскиот карневал и покрај предизвиците и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, опстојува како симбол на нашата култура и традиција.

„Вевчанскиот карневал е потврда за посветеноста и љубовта на вевчанци кон своето наследство, кои со својата упорност и страст го задржаа духот на карневалот жив, и ја потврдија неговата важност. Креативните маски изработени со големо мајсторство, се повеќе од уметнички дела. Тие се огледало на времето – носат пораки, раскажуваат приказни и на уникатен начин го поврзуваат минатото со сегашноста, и ја коментираат стварноста“, рече Љутков.

Министерот Љутков ја истакна туристичката атрактивност и можностите за развој на културата и туризмот на Вевчани:„Вевчани е и вистинска туристичка атракција. Лоцирано на падините на планината Јабланица, со недопрена природа како Вевчанските извори, богата историја, традиционална архитектура, специјалитети од локалната кујна, традиција и фолклор е основа Министерството за култура и туризам во иднина да посвети особено внимание во промоција и поддршка на културниот туризам на целиот овој регион, вклучувајќи ги и Охрид, Струга, и Дебарца“.

Во пресрет на годинешниот Вевчански карневал, министерот најави дека оваа манифестација, која е членка на меѓународната асоцијација на карневали, ќе биде промовирана како национален бренд кој нуди уникатно искуство и кој како спој на културата и туризмот привлекува и ќе привлекува уште поголемо меѓународно внимание и посетеност.

На прес-конференцијата се обрати и градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски. Беше најавено дека Вевчанскиот карневал ќе се одржи традиционално за празникот Василица, од 12 до 14 јануари. Покрај традиционалните маски и новите креации кои го отсликуваат општествениот живот во изминатите 12 месеци, организаторите најавија богата и разновидна дводневна музичка програма.