(ВИДЕО) Заев: Се избира меѓу живот и режим, порачувам, да не помисли некој да ги заплашува граѓаните!

Сподели

Изјава за медиуми Зоран Заев, претседател на СДСМ и носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 4

Струмица, 09.12.2016

 

Стојам пред моите граѓани, во нивна заштита, исправен, горд и одлучен – нема да дозволам никој да ги лаже и плаши граѓаните на Македонија.

Ви се обраќам за јасно и гласно да порачам дека нема да успеат обидите на ВМРО-ДПМНЕ да рашират лаги, стравови и притисоци врз граѓаните на Република Македонија.

Барам од сите медиуми да ги известат граѓаните за следново:

Во недела ќе се спроведат историски избори за Македонија.

Граѓаните бираат меѓу живот и режим.

Изборот се врши преку тајно гласање. Повторувам – тајно гласање.

Изборниот глас на граѓаните е таен, тоа е уставно гарантирано право.

Никој не знае за кого ќе гласате. Нема камери позади параванот. Тоа е факт.

Таму сте сами, вие и вашата одговорност и совест.

Почитувани граѓани,

Ако сте корисник на социјална помош и ако гласате за промени, доаѓа подобар живот за сите вас. Ќе си ја задржите социјалната помош и таа ќе расте.

Ако сте пензионер и ако гласате за промени, вашата пензија ќе расте редовно, онака како што ќе растат платите на сите други граѓани.

Ако сте земјоделец и ако гласате за промени, вашите субвенции ќе растат и ќе стигаат навремено на ваша сметка.

Ако сте вработен во администрација и ако гласате за промени, ќе останете на вашето рабитно место и никој нема да ви врши партиски притисок како сега.

Ова се ваши основни права како граѓани на Република Македонија и овие ваши права не смеат и нема да зависат од ниту една партија, од ниту еден функционер.

Напротив, функционерите ќе зависат од вас ,граѓаните.

Конечно, нема федерализација, почитувани граѓани. Тоа е уште една лага на Груевски. Но, ќе има конфискација на криминално стакнатите имот и пари – ќе има враќање на парите кај вас, граѓаните.

Во недела, да излеземе сите на гласачките места и одлучно да покажеме дека ЗАЕДНО МОЖЕМЕ.

СПЛОТЕНИ, СО ЕДНА ЦЕЛ – ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА!