Виктор Ивановски, студент по анимација на „Sheridan College“, Канада е дел од екипата што работеше на анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ (The Fox and The Pigeon) кој годинава ја освои престижната „Annie“ награда за најдобар студентски анимиран филм, на 47. издание на манифестацијата „Annie awards“ во Лос Анџелес.
Анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ беше во трката за најдобар студентски филм во конкуренција од импозантен број анимирани филмови од целиот свет. Филмот доби позитивни стручни критики од светските експерти за анимација, а за неговата вредност зборува и фактот што покрај тоа што беше прикажан и наградуван на повеќе интернационални фестивали, филмот доби и специјална награда на реномираниот Интернационален фестивал за анимација во Отава, Канада.
Виктор Ивановски е студент на четврта година на „Sheridan College“ во Канада кој важи за еден од најпрестижните факултети во светот на полето на анимација. Тој е и првиот Mакедонец што освоил ваква престижна награда за анимација. Како дипломец оваа година работи на неговиот завршен дипломски филм.
„Annie“ е најпрестижната награда за анимација која се доделува еднаш годишно од 1972 година. Ја доделува ASIFA-Hollywood, подружница на Меѓународнaта асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.
Ивановски е ко-режисер, композитор и интерпретатор на музиката во анимираниот филм, а наградата ја доби заедно со уште десет студенти кои работеле на реализација на филмот. Тој е и првиот Македонец што ја освоил оваа престижна светска награда за анимација.