Виктор Јакимовски: Кои се причините за склучувањето на АУКУС и како Франција извиси

Сподели

 

Што стои зад можеби најголемиот светски стратешки проект во првата половина од 21-от век.

Виктор Јакимовски

Последните неколку недели се дигна голема прашина околу стратешкото партнерство „АУКУС“ (AUKUS). АУКУС е стратешки трилатерален воен сојуз помеѓу Австралија, Велика Британија и САД, првично за изградба на класа подморници со нуклеарен погон, но и за соработка во сајбер безбедноста, AI, како и за заедничка работа во Индо-Пацифичкиот регион, каде што подемот на Кина се смета за зголемена закана, иако името на Кина не беше споменато. Тоа значи дека Австралија го напушта договорот со Франција од 2016 година за изградбата на 12 дизел-електрични подморници, вреден 90 милијарди австралиски долари (56 милијарди евра), нешто што французите веднаш го оценија како „нож во грб“.

Сепак, позадината на овие серија чинови е многу подлабока отколку што навидум изгледа, бидејќи се работи за огромни геополитички прилики и отворени прашања, толку големи што АУКУС може да го претставува најголемиот стратешки проект, барем во првата половина од 21-от век.

Што ја натера Австралија на овој чекор?

Рапидниот раст на кинеската воена моќ и создавањето на најголемата воена морнарица во светот во изминатата деценија, придонесе Кина да почне да повлекува смели потези не само во Индо-Пацификот, туку и на глобално ниво, со што почна да ја спори долгата поморска доминација на САД, а особено нејзината стратегија за Јужното Кинеско Море.

Зголемената воена активност на Кина го активираше алармот кај многу земји кои имаат свои интереси во регионот, резидентни или не, па меѓу нив и Авастралија. Иако официјална Канбера долго време се држеше до ставот дека не треба да зазема страна меѓу САД или Кина, сепак во последните години нејзиниот став кон официјален Пекинг се заостри. Во 2019 година, Австралија ја обвини Кина дека стои зад хакерскиот напад врз Парламентот и трите најголеми политички партии. Односите додатно се закомпликуваа лани кога австралискиот премиер Морисон побара истрага за потеклото на корона вирусот и дека истрагите не треба да бидат блокирани од некои земји, алудирајќи на Кина – нешто што Кина го доживеа како обвинение. По ова Кина возврати со економски санкции врз австралискиот извоз. Ова во најголема мера придонесе официјална Канбера да почне да стравува од Пекинг.

Од друга страна се поставува прашањето, зошто Австралија мораше да го напушти договорот со Франција за дизел-електричните подморници и да се доведе во позиција на влошување на односите со Париз, но и влошување на својата репутација општо во светот? Краткиот одговор е опортунизам. Долгиот одговор е малку посложен.

Имено, самиот договор помеѓу Канбера и Париз и француската фирма DCNS (позната и како Naval Group) која беше задолжена за изградбата на подморниците, беше проследен со многу главоболки за Канбера. Најпрво, уште во август 2016 година, пред договорот да биде официјално потпишан, но откако беше објавен, компанијата DCNS призна дека била хакирана откако протекоа 22.000 документи, што предизвика загриженост кај австралијците за проектот. Потоа, Австралија беше изненадена од пресметките поврзани со купувањето и одржувањето на подморниците.

Првично, проектот требаше да чини 50 милијарди австралиски долари, за потоа во 2019 година да биде пресметан на 90 милијарди австралиски долари. За крај, како главен проблем за Австралија беше временската рамка за пристигнување на подморниците која воопшто не и одговараше. На Австралија итно и беа потребни нови подморници за да ги заменат своите шест стари подморници од класата Колинс, кои беа планирано да бидат повлечени во 2026 година. И најоптимистично, првите подморници е невозможно да бидат испорачани пред 2035 година. Без подморници, Австралија би останала ранлива во време на зголемени тензии со Кина и тоа никако не и одговараше. Сето ова, плус можноста за добивање на технологијата за подморници на нуклеарен погон, придонесе Франција да стане партнер кој не и одговара на официјална Канбера и таа да сврти кон своите два „историски сојузници“.

Koi se pricinite za sklucuvanjeto na AUKUS i kako Francija izvisiИзвор: shutterstock.com

Од амбициозен Париз до повредено француско его

Многу е важно да се спомене дека Франција е долго време присутна во Индо-Пацификот. Француските територии во тој дел од светот, на југот на Индискиот и Тихиот Океан, се протегаат на површина од околу 10 милиони километри квадратни, што и ги дава на Франција едни од најголемите Ексклузивни Економски Зони (ЕЕЗ) во светот.

Франција одржува и воено присуство во регионот. Таа има трајно распореден 7.000 воен персонал низ целата област: 4.100 во Индискиот Океан и 2.900 во Тихиот Океан. Меѓу другото, Франција во овој регион има распоредено и повеќе борбени авиони, хеликоптери, тактички транспортни авиони, фрегати за надзор, патролни бродови (вклучувајќи 1 поларен патролен брод), мулти-мисиски бродови, авиони за поморски надзор. Франција исто така, има поддршка и од ЕУ за активностите во Индо-Пацификот, бидејќи е единствената земја-членка која е резидентна во регионот. Дополнително важни во оваа насока се и стратешките партнерства кои Франција ги има со Индија и Јапонија.

Сето ова и ја јакнеше самодовербата на Франција, дека преку поволната позција која ја има во еден од најважните региони во светот ќе може да се наметне како клучен играч во многу процеси. Сепак, некои работи не ги предвиде.

АУКУС многу скапо ја чинеше Франција. Прво, тоа што САД и В. Британија ја придобија Австралија на своја страна и со тоа си создадоа поповолна позиција, а со тоа и го разнишаа партнерството „Парис-Делхи-Канбера“ кое Макрон го промовираше во 2018 година. Второ, изгубија договор вреден 56 милијарди евра. Трето, самиот договор во очите на официјален Париз претставуваше база за унапредувањето на Француско-Австралиските односи за наредните 50 години. Четврто, официјален Париз изгуби доверба кај своите клучни партнери. Петто, раскинувањето на договорот претставуваше повредување на „француското воено его“.

Најгласен и најостар по раскинувањето на договорот беше францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан. Тоа секако имаше своја причина. Ако се погледне биографијата на Ле Дриан може да се забележи нешто што е прилично интересно. Имено, пред да ја извршува функцијата министер за надворешни работи на Франција, Ле Дриан од 2012 до 2017 година е министер за одбрана во два наврати. Како министер за одбрана, негов најголем успех се смета постигнувањето договори со Египет, Катар и Индија за продажба на француски борбени авиони Dassault Rafale, произведени од француската компанија Dassault Aviation, каде тој е вклучен директно во преговорите со некои од земјите и потпишувањето на договорот со Австралија во 2016 година за изградбата на подморниците. Оттука е јасно зошто веројатно „омилениот“ политичар на француската воена индустрија, Ле Дриан ова го доживеа и како свој личен пораз.

Но и Франција треба да се соочи со геополитичката реалност. Франција изгледа дека при продавањето на оружје за време на мир не го зема предвид снабдувањето на купувачот со резервни делови и дополнителни надградби за време на војна. Хипотетички во случај на војна меѓу Кина и Австралија, Кина би можела да го оцени снабдувањето со резервни делови и надградби како директно мешање на Франција и/или како акт на агресија. Дали Франција во ваков случај цврсто би застанала зад Австралија и би влегла во судир со Кина? Веројатно не.

Американски гамбит?

Во целата оваа приказна мора да биде поставено прашањето зошто САД им дава на Австралија таков тип на висока технологија, која досега ја имаат споделено само еднаш, со Велика Британија? Веројатно одговорот би бил дека или тоа е дел од интересот на Вашингтон или дека тоа е цената која мора да ја платат. Некои високи политичари веќе го оценија овој чекор како закана по националната безбедност на САД, но прашање е колку сето тоа е издржано.

За оваа администрација на САД изгледа „чукнаа камбаните“ за справување со кинеската, како тие ја нарекуваат, агресија во Пацификот. Претходно, администрацијата на Обама која изгледа беше повеќе фокусирана на војните кои ги водеше на Блискиот Исток, потфрли многу во соодветното постапување кон Кина за ситуацијата во Пацификот. Администрацијата на Трамп веројатно сметаше дека ефектот ќе го постигне преку трговската војна, што за оваа администрација се покажа како недоволно и реши да отвори нов фронт.

Очигледно е дека администрацијата на Бајден уште во самиот старт знаеше во што точно се впушта и дека ова е чекор кој е планиран и подготвуван од порано. По повлекувањето на САД од Авганистан имаше многу прашалници зошто се се случи така набрзина. АУКУС е одговорот на тие прашалници. Прашање на време е само кога САД ќе почне да ги насочува своите ресурси и персонал кон справувањето со нивната нова закана – Кина.

Во ова мерење на сили, Австралија му беше еднакво потребна на САД исто како што и САД и беше потребен на Австралија. Со подморниците на нуклеарен погон, Австралија ќе може да патролира околу клучните стратешки точки и теснеци како Ломбок, Сунда и Малака, како и за вршење на операции во Јужното Кинеско Море. Од друга страна, на САД веројатно би им било овозможено сместување на своите воени бродови во северните пристаништа на Австралија, што додатно би им го олеснило присуството во Индо-Пацификот.

respublica.edu.mk