Еден од најдобрите мајстори на тангото и виртуоз на усната хармоника, Џо Пауерс од САД, за прв пат ќе гостува во Скопје!
На 12 мај во Домот на АРМ во 20 часот, Пауерс ќе настапи како солист заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Алхемија“. Под палката на миленикот на македонската музичка публика, Емил Табаков од Бугарија, овој наградуван музички уметник премиерно ќе го изведе атрактивниот Концерт за усна хармоника и оркестар од бразилскиот композитор Хектор Вила Лобос.
На концертот „Алхемија“ премиерно ќе прозвучи и македонското дело „The Apple T(h)ree (to the unmercenaries) од младиот композитор Дамјан Темков, наградено на Конкурсот за класична музика од страна на Министерството за култура, како и едно од најубавите дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски, неговата свита „Слики од изложбата“.
Џо Пауерс (1978), кој кај пошироката јавност е познат како еден од најголемите танго уметници, во својот репертоар ја вклучува и класичната музика, како и џезот, блузот, хип-хоп музиката, латиноамериканската музика, њу ејџ, традиционалната музика… Во 2008 година победува на натпреварот за хармоника во Белгија во областа на класичната музика, а во 2005-та на Светскиот куп за хармоника во Германија, кога го освојува четвртото место. Настапува и предава ширум светот, во САД, Европа, Јапонија и Јужна Кореја, со реномирани уметници и ансамбли. Еден период живее во Буенос Аирес, кога се среќава со тангото учејќи ги сите негови вештини и предизвици, и оттогаш соработува со сите танго мајстори стекнувајќи ја славата на танго ѕвезда. Свирејќи во придружба на јапонскиот инструмент кото, со камерен оркестар, со Џез биг-бенд, или со десет клавири одеднаш, како што тоа ќе го направи на концертот „Ten Grands“ во Сиетл (2010), Џо Пауерс воведува нови авантури и постојано се обидува да ги проширува хоризонтите на својот инструмент. Неговиот деби соло албум е насловен „Амор де Танго“ и е снимен во Буенос Аирес во 2007 година, додека вториот носи наслов „Меланхолија“ (2009), во соработка со номинираниот за „Греми“ британски композитор и пијанист Мајкл Хопе, а третиот под наслов „Само Дует“ (2012) содржи еклектично музичко патување, од тангото, до бразилската, па јапонската и кинеската музичка традиција, класичната музика, џезот… Во 2012 година Џо Пауерс остварува соработка со познатиот аргентински пијанист Октавио Брунети на фестивалот Орегон Бах во Северна Америка.