Виртуозот на виолина Венгеров повторно со концерт во „Света Софија“

Сподели

Неверојатната музичка дарба на виолинистот Максим Венгеров заедно со одличното музичко образование овозможија тој да биде еден од највлијателните личности во музичката уметност на преминот на овој век

Максим-Венгеров-644x362

Виолинистот Максим Венгеров, за многумина еден од современите светски исполнителски феномени на музичката уметност ќе одржи концерт вечерва, во 21 часот, во црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Тој ќе изведе дела од Моцарт и од Шостакович, заедно со Kамерниот ансамбл „Мењухин академи солоист“.

– Неверојатната музичка дарба на виолинистот Максим Венгеров заедно со одличното музичко образование овозможија тој да биде еден од највлијателните личности во музичката уметност на преминот на овој век. Венгеров е првиот уметник во класичната музика кој е најзначаен за Интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ. Покрај изведувачката, значајна е и неговата диригентска дејност. Од 2007 година до денес, е предводник на некои од најзначајните оркестри во светот, како симфониските оркестри на Монтреал и Торонто, велат од „Охридско лето“.

Ансамблот „Мењухин академи солист“ е основан во 1977 година од страна на познатиот виолинист лорд Јехуди Мењухин, како дел од Интернационалната музичка академија „Менухин“. Во ансамблот членуваат млади виолинисти, виолисти и виолончелисти од целиот свет. Ансамблот работи речиси 40, а резултатите ги претставува на подиумите во Европа, Јужна Америка, Соединетите Американски Држави, Kанада, Јапонија и Kина. Од 2011 година, ансамблот редовно настапува со виолинистот Венгеров.

Менухин

Покрај настапот во Охрид, Венгеров ќе биде дел и од академијата „Мењухин“ која секоја година се реализира на некои од големите музички центри, како на „Ројал фестивал хол“ во Лондон, театар „Шанзелизе“ во Париз, Kонцертгебау во Амстердам, Единбург фестивал, Мењухин фестивалот Гштад, како и во неколку земји во Европа и Јужна Америка, во САД, Kанада, Јапонија и Kина.

– Вистинска привилегија е токму оваа година, кога се прославува 100 години од раѓањето на големиот Јехуди Мењухин, токму „Охридско лето“ да биде домаќин на оваа „Летна академија“. Особено значајно е тоа што маестро Венгеров со задоволство ја прифати идејата и неколку наши, млади, македонски музичари да бидат вклучени во овој оркестар, и да бидат дел од „Летната академија“. Вистинска привилегија за нив ќе биде да се соработува со виолинистите Венгеров, Роман Симовиќ, Вадим Рјепин, виолончелистот Марк Kопе, трубачот Артуро Сандовал и хармоникашот Јури Шишкин, вели селекторката на музичкиот дел од програмата на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска.

извор Охрид 24