Вишеградска група В4 филмски вечери во КИНОТЕКА

Сподели

Во рамки на априлската филмска програма на Кинотеката ќе се одржи циклус филмови ВИШЕГРАДСКА ГРУПА В4 ФИЛМСКИ ВЕЧЕРИ, посветена на кинематографиите на Република Чешка, Република Полска, Република Словачка, и Република Унгарија кои се дел од Вишеградската група.

Циклусот ќе започне на 5 април во 20 часот со проекцијата на комедијата ПРАЗНИ ШИШИЊА, во режија на Зденек Сверак, по што ќе следи проекцијата на филмот СТУДЕНА ВОЈНА на Павел Павликовски на 6 април. Веќе следната недела ќе бидат прикажани и филмовите ИНВАЛИД на словачкиот режисер Јонас Карасек на 12 април и ПЛОШТАД МОСКВА на унгарскиот режисер Ференц Торок на 13 април.

Сите проекции се бесплатни за сите посетители.

5 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
ПРАЗНИ ШИШИЊА
(Vratné láhve)
Игран филм, Чешка
2007, 104 мин, ДЦП
Режија: Јан Сверак (Jan Sverák)
Сценарио: Зденек Сверак (Zdenek Sverák)
Улоги: Зденек Сверак, Даниела Коларова, Павел Ландовски (Zdenek Sverák, Daniela Kolárová, Pavel Landovský)

65-годишниот наставник Јозеф се повлекува од наставата откако бил прекорен затоа што полил со вода еден негов дрзок ученик. Избегнувајќи ја својата сопруга која е разочарана од него, тој се вработува во одделот за враќање шишиња во супермаркет во Прага. Кога не фантазира за жени на половина негова возраст – Јозеф почнува да шпекулира и да ги нарушува животите на клиентите и соработниците.

Како автори на филмот се потпишуваат Јан и Зденек Сверак, можеби најпознатиот тандем во чешката кинематографија, кои за филмот КОЉА од 1997 година го имаат добиено Оскарот за најдобар странски филм. Јан (синот) се потпишува како режисер, а Зденек Сверак е сценарист и ја игра главната улога во филмот. Тоа е комедија во најдобриот манир на чешката кинематографија и не случајно беше еден од најгледаните чешки филмови во 2007 година.

6 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч
СТУДЕНА ВОЈНА
(Zimna wojna)
Игран филм, Полска, Франција, Велика Британија
2018, 88 мин, ДЦП
Режија: Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski)
Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Paweł Pawlikowski, Janusz Głowacki)
Улоги: Јоана Кулиг, Томаж Кот, Борис Жуц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)
Директор на фотографија: Лукаж Жал, (Łukasz Żal)

Композиторот Виктор и уметницата Зула, две индивидуи од различни социјални средини, се сретнуваат и се заљубуваат, веднаш по Втората светска војна. Набрзо Виктор почнува да ја убедува девојката да ја напуштат комунистичка Полска и да пребегаат во Франција, во потрага по подобар живот.

СТУДЕНА ВОЈНА е долгометражно филмско остварување по сценарио и во режија на полскиот филмски автор Павел Павликовски, можеби најпрепознаен по неговиот претходен филм, драмата ИДА. Како и ИДА, и СТУДЕНА ВОЈНА е снимен во црно-бела техника. Премиерата ја имаше на фестивалот во Кан, пролетта 2018 г. Веднаш по премиерната проекција, филмот генерираше и се здоби со пофалби и позитивни рецензии, станувајќи еден од најфалените европски филмови во последнава декада. СТУДЕНА ВОЈНА се закити со три номинации за престижната статуетка Оскар, како и повеќе номинации и неколку награди на доделувањето на Европските филмски награди.

Директор на фотографија на ова остварување е полскиот кинематографер Лукас Жал, инаку снимател и на фалениот ИДА. Во моментов е актуелен со неговото најново снимателско дело, фалениот ЗОНА НА ИНТЕРЕС, во режија на Џонатан Глејзер.

12 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
ИНВАЛИД
(Invalid)
Игран филм, Словачка
2023, 112 мин, ДЦП
Режија: Јонас Карасек (Jonas Karasek)
Сценарио: Томаш Душичка (Tomáš Dušička)
Улоги: Грегор Холоска, Зденек Годла, Хелена Крајциова (Gregor Holoska, Zdenek Godla, Helena Krajciová)

Лако е некогашен работник на одржување во локален музеј во еден мал анонимен град во Словачка. Неговиот незгоден карактер го доведува во тешка ситуација. Тој останува инвалид по една средба со група безмилосни измамници. Врзан за инвалидска количка и со неговиот живот во спирала, сфаќа дека правдата изгледа неостварлива, па одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија. Во тоа му помага неговиот нов пријател Габо, локален Ром, кој му овозможува на Лако да ги види работите од нова перспектива.

Приказната на филмот се одвива во времето пред влезот на Словачка во Европската унија и се соочува со сè уште актуелните теми на расизам, депресија, семејно насилство и нефункционален систем преку навидум едноставна приказна за работник за одржување во потрага по правда кој одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија и откривајќи врски на пријателство на најнеочекуваните места.

13 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч
ПЛОШТАД МОСКВА
(Moszkva tér)
Игран филм, Унгарија
2001, 89 мин, ДЦП
Режија: Ференц Торок (Ferenc Török)
Сценарио: Ференц Торок (Ferenc Török)
Улоги: Габор Караљош, Естер Бала, Ерзи Папаи (Gábor Karalyos, Eszter Balla, Erzsi Pápai)
Директор на фотографија: Даниел Гараш (Dániel Garas)

1989 година е една од најбитните години за земјите во Источна Европа. Во тогашна Унгарија, неколку адолесценти воопшто не се интересираат за клучните промени во нивната средина. Напротив, продолжуваат понатаму со секојдневниот живот, запознавајќи девојки, дружејќи се на забави, излегувајќи речиси секоја вечер, препишувајќи на матурските испити. Секојдневието навидум продолжува, но ништо повеќе нема да биде како што било.

ПЛОШТАДОТ МОСКВА е првиот долгометражен проект на унгарскиот филмаџија Ференц Торок, еден од попознатите средноевропски филмски дејци. На почетокот на двеилјадитите токму ова остварување се закити со националната награда за дебитантски филм на Унгарскиот филмски фестивал. Торок е активен член и на Европската филмска академија.

Директор на фотографија на ова остварување е унгарскиот фотограф и снимател Даниел Гараш, инаку редовен соработник на режисерот Торок. Во неговата филмографија се запишани и повеќе кратки филмови, музички видеа и промотивни клипови за познати светски фирми и брендови.