Вишиот суд во Подгорица го потврди обвинението за тероризам на денот на изборите

Сподели

Советот на Вишиот суд во Подгорица го потврди обвинението што Специјалното обвинителство го поднесе против 14 лица поради планирање терористички напади на денот на парламентарните избори минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).

Со обвинението на Специјалното обвинителство се опфатени двајца руски државјани Едуард Шишмаков и Владимир Попов, српските државјани Милош Јовановиќ, Немања Ристиќ, Предраг Богичевиќ, Братислав Дикиќ, Кристина Христиќ, Бранка Милиќ, Милан Душиќ, Драган Максиќ и Србољуб Ѓорџевиќ.

Исто така, со обвинението се опфатени и тројца црногорски државјани, лидерите на Демократскиот фронт (ДФ) Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, како и Михаило Чаѓеновиќ, службен возач во ДФ.

Како што е соопштено од Вишиот суд во Подгорица, Шишмаков се обвинува за кривични дела создавање криминална организација, тероризам во обид и подготовка на дела против уставното уредување и безбедноста на Црна Гора извршено преку поттикнување.

Попов е обвинет за кривично дело создавање криминална организација и кривично дело тероризам во обид, додека останатите се обвинети за кривично дело создавање криминална организација.

„Предметот денес ќе биде предаден на судијата во постапката, а главниот претрес ќе биде закажан во законскиот рок од два месеца“, соопштено е од Вишиот суд.