Вистиномер: Личните податоци за починатите од ковид не смеат јавно да се објавуваат

Сподели

 

Личните податоци на заболените и починати од ковид-19, исто како и за кое било друго починато лице, не смеат да се злоупотребуваат и да бидат јавно објавени, како што сугерира авторот на објавата што ја рецензираме. Заштитата на личните податоци се гарантира со повеќе европски и домашни законски акти, а за секое прекршување предвидени се и соодветни казни. Неточни и невистинити се и тврдењата дека  коронавирусот е измама, а вакцините смртоносни, со што може да се нанесе огромна штета врз здравјето на луѓето и нивно евентуално одвраќање од вакцинација која ги штити од сериозни последици, пишува „Вистиномер“ во новата анализа, што ја пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на Фејсбук која шири невистини, тврдејќи дека ковидот е лага за да се „тероризира“ народот, а како „аргумент“ посочува дека никогаш не се објавувале имиња, презимиња и адреса на починатите. Авторот на постот наведува и повеќе други дезинформации, како, на пример, дека нема смртни случаи од корона, дека вакцините се смртоносни, со што се нанесува огромна штета на објективното информирање на јавноста и на процесот на имунизација.

Во постот, придружен со наслови од медиуми за смртни случаи од ковид-19 од Тетово и тетовско,  се наведува:

Се е само една голема лага за да го тероризираат народот да помисли дека е вистина. Му го перат умот на народот за да се вакцинира. Нема никогаш ниту име, ниту презиме, ниту адреса на умрените.

Ваквите наводи се неточни и невистинити, а авторот покажува елементарно непознавање на законските прописи и заштитата на личните податоци на пациентите и воопшто на граѓаните.

Правото на заштита на личните податоци, како основно право на човекот и граѓанинот е загарантирано со Уставот на РС Македонија (член 18), со кој се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. Тоа значи дека не смеат да се објавуваат јавно и без согласност, што е регулирано и со повеќе законски акти, а за секое прекршување на ова право се предвидени санкции и казни.

Забранета е обработка на посебните категории на лични податоци определени во членот 4, став 1, точка 13, стои во Законот за заштита на лични податоци.

Со него јасно се дефинира дека посебни категории на податоци се лични како оние кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања, членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуалната ориентација на физичкото лице.

И во Законот за заштита на правата на пациентите, во делот на правото на доверливост, во член 25 е наведено:

Пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Оваа област е регулирана и во европското законодавство, со Општата регулатива за заштита на личните податоци, каде се утврдени принципите и правилата за заштита на основните права и слободи, а особено правото на заштита на личните податоци и нивната обработка.

Уште во 2005 година, пак, нашата држава има донесено Закон за ратификација на Конвенцијата за заштита на лица во однос на  автоматска обработка на лични податоци, а оваа дејност е регулирана и во Законот за кривична постапка.

Значи, секоја злоупотреба на правото на заштита на личните податоци подлежи на санкционирање и претставува кривично дело, така што барањето на авторот на постот тие да бидат јавно објавени како наводна потврда за смртност од ковид-19, се неосновани и неточни.

Во Кривичниот законик, во член 149 е наведено:

Тој којшто спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Со казна од став 1 се казнува тој којшто ќе навлезе во компјутерски информативен систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета. Ако делото го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Како пример ќе ги наведеме случајот во Охрид, кога преку социјалните мрежи се споделуваа списоци со лични податоци на заболени од коронавирус и случајот во битолската болница, каде беа фотографирани мртви пациенти за кои Јавното обвинителство има отворено предмет, а Агенцијата за заштита на лични податоци поднесе кривична пријава.

Авторот шири лажни информации и дека народот се тероризира за да се вакцинира, иако се знае дека вакцината е доброволна, а дезинформација е и продолжетокот на постот во кој стои:

И доколку има стварно некој умрен, тоа сигурно нема врска со ковид, запамтете дека вакцините се многу поопасни и смртоносни од грипот, кој го нарекоа ковид.

Наспроти ова неточно тврдење, статистиките и фактите говорат нешто сосема друго. „Вистиномер“ во повеќе наврати пишуваше и ги дебанкираше  дезинформациите за тоа дека „вирусот е измислица и измама и дека е грип“ ( овдеовдеовде).

Според најновиот извештај на Министерството за здравство (03.09.2021), пак, во изминатите 4 недели дури 81 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, а процентот на хоспитализирани невакцинирани лица изнесува 87 отсто, додека само 13 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Во периодот од 06.08 до 02.09.2021 година, од 22.416 позитивни граѓани, само 18 отсто биле целосно вакцинирани.

Анализите покажуваат дека и смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во период од четири седмици починале 480 лица со ковид-19, од кои 429 (89%) не биле вакцинирани, а само 51 (10%) примиле вакцина.

И директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски, потенцира дека 99,5% од сите смртни случаи од коронавирусот се кај невакцинираните, така што вакцините не само што не се смртоносни, туку се и единствената заштита во спречувањето на потешките форми на болеста и потребата за хоспитализација.

Последната невистина што ја пренесува објавата е дека ковид-19 е грип. Иако и грипот и коронавирусот се респираторни заболувања, сепак, тие се предизвикани од различни вируси и за нив се наменети различни вакцини. СЗО проценува дека годишно ширум светот умираат од 290.000 до 650.000 луѓе од причини поврзани со грип, додека ситуацијата со ковид-19 бргу се менува, бидејќи се работи за нов вирус за кој огромното мнозинство на луѓе ширум светот, пред започнувањето на вакцинацијата, сè уште немаше имунитет.

Лекарите и научниците сметаат дека смртноста од ковид-19 е значително повисока (веројатно 10 пати или повеќе) од онаа на повеќето видови на грип. Според податоците (07.09.2021) на Центарот за научни системи и инженерство (CSSE) на Универзитетот Џонс Хопкинс (JHU) од регистрираните  221.492.037 случаи на ковид-19, досега починале 4.581.038 лица.

Оттука, оценуваме дека во објавата се изнесени повеќе невистинити и лажни информации, кои манипулираат на разни начини, па дури наведуваат и на злоупотреба на личните податоци, само за да прикажат дека коронавирусот е измислица и да ги одвратат луѓето од вакцинација, со што можат да нанесат огромна штета на нивното здравје, пишува „Вистиномер“.

мета.мк