Собранието утре на пленарна седница треба да гласа за предлогот на Владата за продолжување на кризната состојба, која беше воведена во август 2015 година поради мигрантската криза и големиот транзит на мигранти и на бегалци низ територијата на државата.
На 30 јуни истекува важноста на одлуката за продолжување на кризната состојба, што беше донесена во октомври минатата година, а со новиот предлог Владата бара нејзино продолжување до 31 декември 2017 година.
„За да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и на чување на државната граница, Владата на Република Македонија ќе побара од Собранието на Република Македонија да ја донесе предлог-одлуката за изменување на одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради зголемен обем на влез и на транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија и да го одобри продолжувањето на рокот за справување со кризната состојба, во времетраење до 31 декември 2017 година“, стои во предлогот.
Кризната состојба поради мигрантската криза беше воведена кон крајот на август минатата година, кога десетици илјади мигранти од подрачјата зафатени со војни на Блискиот Исток и во Северна Африка транзитираа низ територијата на земјава на пат кон западноевропските земји.
Собранието на барање на Владата неколкупати го продолжуваше траењето на кризната состојба.