Владата го одложи издавањето на еврообврзницата

Сподели

4393711-euro-money-paper-and-coins

Македонија го одложи издавањето на седумгодишната еврообврзница откако член на опозициската СДСМ денеска преку писмо ја оспорил легалноста на постапката, јавува „Ројтерс“.

Во писмото, било наведено дека земјава нема соодветен правен механизам за издавање на еврообврзницата и доколку се издаде, можно е да прекрши одредени закони и правила во Македонија.

СДСМ и во соопштение до јавноста предупреди дека одлуката за новата еврообврзница ќе биде незаконска и по изгласувањето на ребалансот на буџетот бидејќи сумата од 650 милиони евра ја надминува ставката за странски задолжувања и со предлог-ребалансот на буџетот.

– Новиот министер Миноски, сите членови на Владата и потенцијалните кредитори ги предупредуваме дека на сила се промените во Законот за Влада (Сл. весник број 196/15) направени во согласност со Договорот од Пржино. Ова значи дека оваа еврообврзница, која Владата од петни жили се обидува да ја протурка пред да замине од власт, мора да ја има истата процедура за издавање како и претходната еврообврзница од минатата година. Во спротивно, таа ќе биде незаконска и не може да се третира како јавен долг на Македонија – се велеше во соопштението на СДСМ.

Инаку, техничкиот премиер Емил Димитриев истакна дека целта на издавањето на еврообврзницата е да се обезбеди економската ликвидност на државата и за навремена исплата на плати, пензии и социјални трансфери.

Денеска „Ројтерс“ објави дека Македонија ја понудила еврообврзницата на светските берзи, а каматата за неа ќе изнесува 5 проценти.

Еврообврзницата е со рок на доспевање од седум години, а како главни банки кои управуваат со продажбата на емисијата се „Сити груп“, „Дојче банка“, „Ерсте група“ и „Сосиете женерал“.