Владата на вчерашната седница одлучи да му предложи на Собранието за државен јавен обвинител да го именува Љубомир Јовески, кој е член на Советот на јавни обвинители, соопшти владината прес-служба.
„Владата на Република Македонија оваа одлука, освен врз основа на професионалната биографија на Љубомир Јовевски, ја донесе и врз основа на позитивното мислење на Советот на јавните обвинители“, стои во соопштението.
“Љубомир Јовески, како што додаде владиниот портпарол, има долгогодишно искуство. Тој е професионалец, независен кандидат и Владата смета дека е личност која има капацитет целосно да ја врати довербата на граѓаните во институцијата јавен обвинител”. Тој рече дека целата постапка се одвивала транспарентно од почеток до крај и оти Владата ги разгледа и двете позитивни мислења од Советот на јавни обвинители.
На огласот за избор на јавен обвинител што го распиша Собранието, се пријавија вкупно 23 кандидати. Советот на јавни обвинители минатата недела ги разгледа нивните кандидатури и достави мислење до Владата.
Собранието, по приемот на предлогот од Владата, треба да закаже седница за именување на новиот јавен обвинител.
За именувањето, како и за разрешување државен јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.
Собранието, на 17 август годинава, на предлог на Владата го разреши Марко Зврлевски од оваа функција.