Владата го утврди предлогот за пристапување кон измените на Уставот

Сподели

 

Владата на вчерашната 172 седница го разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија и одлучи документот да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“.

Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на паритетот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.  

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата како и претставници на политички партии, и тоа со едногласна поддршка на содржината на текстот, по што точката е ставена на дневен ред на денешната владина седница на предлог на Министерството за правда.

Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија донесени на седницата одржана на 16.7.2022 година, а поврзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија и Заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Владата оценува дека пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година. Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја.
Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. И во услови кога во геополитичкиот контекст, нашите стратешки пријатели САД и државите членки на НАТО и на ЕУ во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста, ни доликува, како граѓани и како држава – доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, да придонесеме во безбедноста на регионот и ЕУ.

Од овие причини, Владата очекува конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во Парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија.