Владата на Република Македонија на вчерашната седница, донесе одлука да предложи до Собранието на усвојување предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, информираат од владината прес-служба.
Според Владата, целта на оваа предложена законска измена е да се обезбедат услови за спроведување на Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Владата одлучила на Собранието да му предложи и закон за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.
„Основна цел на овој предлог закон е престанување на важење на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за дадените забелешки и упатства од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем“, велат од Владата.
Во образложението за овој предлог се вели дека праксата покажала дека формирање на вакво професионално тело за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија не ја остварило целта на основањето, туку, напротив, тоа било формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултирало со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајќи ги и забелешките од Венецијанската комисија.