Владата објави јавен повик за организирање авионски превоз за македонски граѓани со моментален престој во странство за враќање во земјата

Сподели

 

Владата на Република Северна Македонија денеска објави јавен повик за организирање авионски превоз за пренесување на македонските граѓани на територија на РС Македонија, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментален престој во странство.

За дестинации за чартер летови се утврдени:

– Малта – Скопје (148 патници)

– Загреб – Скопје (226 патници)

Крајниот рок за организарање на летовите треба да биде до 27.03.2020 година (петок) до 12:00 часот.

Право на учество има секоја авио компанија или туристичка агенција која ќе организира чартер летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија.

– Критериум за избор на најповолен понудувач е најниска цена.

Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор.

Понудите да се достават електронски, заверени, потпишани од страна на одговорно лице и во скенирана форма на следната е-маил адреса: gs@gs.gov.mk.

Јавниот повик ќе трае 12 часа од моментот на неговото објавување на веб страната на Владата на Република Северна Македонија, односно понудите да се достават најдоцна до 25.03.2020 година до 22:00 часот.

Понудите кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Лицата кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и ќе пополнат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.

Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.

Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.

Враќањето на средствата треба да го извршат на образец ПП-50 во кој треба да ги внесат следните податоци:

Назив на примач:

Буџет на Република Северна Македонија

Транс.сметка 100 000000063095

Сметка на корисник   630010001963019

Приходно конто   725939  00

Во цел на дознака:  Враќање средства на сметка 040010007863713, расходно конто 420220 потпрограма 10.

Договорот помеѓу патниците и Владата на Република Северна Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна.

За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.