Владата постапи законски и ги поништи незаконските решенија на министерот Чулев

Сподели

 

Владата категорично ја демантира изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека одлуката за поништување на решенијата и наредбите за распоредување на министерот се незаконски.

Согласно Законот за Влада и согласно договорите од Пржино од 2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи во мандатот на предната влада има право да изврши само 15 промени во раководните структури на МВР, и тоа само по хоризонтална линија.

До моментот на одржувањето на 9-тата седница, техничкиот министер имаше направено промени на 14 раководни места по хоризонтална линија, и дури 131 распоредување по вертикална линија што е спротивно на Законот за влада и договорите од Пржино.

На 9-тата седница, на која Владата донесе одлука да бидат поништени решенијата и наредбите со кои се налагаат кадровски промени по вертикална линија во структурата на МВР, на техничкиот министер за внатрешни работи Чулев детално му беа објаснети и протолкувани одредбите според кои тој не смеел да ги издаде тие решенија и наредби, и внимателно му се објаснети одредбите според кои Владата е овластена да ги поништи.

За ова на увид на јавноста може да послужи стенограмот од 9-тата седница на Владата.

Владата никогаш нема да си дозволи да „уништи“ или да „прикрие“ докази како што порачува Чулев, и ги повикува сите надлежни институции и јавноста да извршат увид во стенограмите и одлуките од 9-тата седница на Владата.