Владата прогласи тридневна жалост за несреќата во КОВИД центарот во Тетово

Сподели

 

Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот КОВИД центар во болницата во Тетово и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на Република Северна Македонија на денешната вонредна седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.  

 


 
За денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре (четврток, петок и сабота), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.
 
Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена.
 
На оваа седница министрите за внатрешни работи и за здравство информираа за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнаа дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска.
 
Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок.
 
Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.