ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО на 8 април во МКЦ

Сподели
 
По точно 40 години, Влатко Стефановски се враќа во МКЦ со концерт, во рамки на одбележувањето на јубилејот 50 години Младински културен центар, во организација на Баги Комуникации и МКЦ. Влатко Стефановски ќе одржи концерт заедно со своето трио и неколку гости.
 
Концертот е закажан на 8 април, со почеток во 20 часот во сала 25 мај. Интересно е што последен пат Влатко настапил во МКЦ во 1982, заедно со групата „Леб и сол“ а во последниве 40 години немал ниту еден свој концерт во оваа установа.
 
„Среќен сум што ќе бидам дел од прославата на значаен јубилеј и што повторно ќе одржам концерт во МКЦ. Музицирањето пред домашната публика е секогаш предизвик, но кога по 40 години се враќате на местото каде што ви биле почетоците, тогаш навистина возбудата е голема“. – Влатко Стефановски
 
Влатко Стефановски Трио го сочинуваат и Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара, трио кое последниве години е доста активно и настапува речиси низ целиот свет. Спојот на искуството и младоста во ова трио се чини дека беше пресудно за одлична синергија и за огромен успех на сите настапи.
 
Инаку, неодамна „Кроација рекордс“ направи пресек на соло-кариерата на Влатко Стефановски и ја склопи во албум со најголемите хитови. Од „Каубојци и индијанци“ од истоимениот албум од 1994 до „Фанки џанки“ и „Огледало“ од неговото последно студиско издание „Тафталиџе шафл“, компилацијата содржи 17 песни.
 
Влезниците за концертот се пуштени во продажба на билетарницата на МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.
 
Концертот е поддржан од Комерцијална банка и Еко Циркон;
Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протокли.