ВМРО-ДПМНЕ: Ако ѝ мислат добро на Македонија, СДСМ треба да го прифати Манифестот

Сподели

„Обединување околу националниот интерес, како и зачувување и промоција на националниот, културниот и јазичен идентитет на Македонците и граѓаните на останатите етнички групи во земјата и надвор. Интеграција во ЕУ и НАТО, како наши стратешки приоритети и цели. Признавање дека македонскиот јазик е интегративен елемент на сите граѓани во нашето општество без разлика на нивното потекло. Манифестот предвидува гаранции македонскиот народ да не може да биде надгласан за својот идентитет и верска толеранција. Како и секоја модерна демократија, Манифестот предвидува целосно владеење на правото и почитување на Уставот и законите на целата територија на Република Македонија. Спроведување на попис на населението, што е неопходен предуслов за остварување на општ развој на општеството“.

ВМРО-ДПМНЕ преку Манифестот предвидува, национално обединување околу целите за подобра економија, повисок раст, повеќе инвестиции, поуспешни претприемачи и ново отворени работни места за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ очекува од СДСМ и сите останати политички чинители, „ако ѝ мислат добро на Република Македонија да го прифатат овој Манифест како подадена рака за градење на просперитетна и силна држава. Со прифаќањето на Манифестот, Република Македонија ќе покаже дека е земја со исправена кичма и заштитник на сите нејзини граѓани. Само обединети ќе придонесеме Република Македонија да ја изгради својата иднина за доброто на сите нејзини граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.