ВМРО ДПМНЕ-ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА: Зошто молчат пратениците на ВМРО ДПМНЕ?

Сподели

По изјавата на вицепремиерката и министер за одбрана на РМ, Радмила Шекеринска, дека: ,,90 % од времето на лидерските средби било потрошено на барањето на Мицковски за амнестија како и дека за уставните измени ќе ја имаат поддршката на дел од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ”, молк од раководството на ДПМНЕ и од пратеничката група!.

Немањето храброст да се излезе во јавност и да се демантираат тврдењата не е својствено за сериозна национална партија и за пратеничка група која држи до себе и до своите чесни патриотски и национални намери и ставови. Молчењето е одобрување и потврда на кажаното.

За актуелното партиско раководство ни е познато сè досега и илузорно е понатаму да бараме демант на ова тврдење и затоа ги оставаме и понатаму да калкулираат на сопствена штета. Но, не можеме да сфатиме како и зошто народните избраници на ВМРО ДПМНЕ молчат? Жално е што еден дел од нив чекаат некој да им даде сигнал или дозвола за да се стават во функција на самообезличување, а само поради спас на туѓа кожа и туѓи лични интереси?!.

Затоа им порачуваме на оние пратеници кои се на ,,чекање” и во функција на ,,менторите од сенка” и кои не смеат да имаат сопствен став околу референдумот и Договорот од Преспа, да се симнат од удобните фотељи и на сопствена сметка (без наплата на патните трошоци од државата) да прошетаат низ изборните единици во кои се избрани и да го слушнат ставот на нивните избрачи, па дури потоа нека се обидат да гласаат на референдумот и за уставни промени.

Жално е што ставот на пратеникот Антонио Милошоски околу референдумот и се после него, остана осамен и не беше јавно и гласно поддржан од членовите на останатите десет пратенички групации на партијата. Тоа јасно укажува на недостојност и немање капацитет да се биде на висина на пратеничката функција односно да се биде избраник на народот.

Достоинството и слободата на мислата и говорот не се цели и принципи на егоистични и неодговорни индивидуи макар тоа биле и народни избраници. Секое нивно понатамошно молчење, јавно неизјаснување и калкулирање по однос на клучните прашања ќе го сметаме за спротивно на националните и државни интереси и на духовните принципи и вредности длабоко втемелени во македонската вековна историја и традиција.

 

ВМРО ДПМНЕ-ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА