Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска претпладне ги доставила предлозите за претседател и еден член на ДИК до претседателот на Собранието, Талат Џафери со што се очекува да се деблокира процесот за избор на составот на Државната изборна комисија.
Кабинетот на Џафери формалните известувања од политичките партии за предлозите за членови на ДИК потоа ќе ги достави до претседателот на Комисијата за прашања на изборите, Илија Димовски, кој треба да закаже седница.
Политичките партии неофицијално во јавноста веќе ги соопштија кандидатите за членови на ДИК. СДСМ за членови на ДИК ги предложи Борис Кондарко, Јанаке Витановски и Радица Ристевска, ВМРО-ДПМНЕ го предлага Оливер Дерковски за претседател, а за член Елизабета Постоловска, ДУИ ја предложи Дитмире Шеху, додека Беса го предложи Енвер Салиу.
Претседател на комисијата ќе биде Дерковски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека консензуалниот договор на партиите беше овој привремен состав на ДИК да се бира по стариот модел со партиски претставници. За овие членови на ДИК треба да гласаат две третини од пратениците.