Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска во име на партијата ги повика институциите на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат законот за јазиците и порача дека доколку одговорните во институциите поради тоа се соочат со проблеми или закани, правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ им стои на помош.
– Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош – рече Мицевски.
Тој порача дека законот „за двојазичност“ е неуставно и незаконски потпишан од страна на Талат Џафери и објавен во Службен весник е на штета на Република Македонија и кохезијата во општеството.
– Членовите од 1 до 14, како и членовите 16, 17, 22, 23 и 24 се во спротивност со Амандманот V од Уставот на Република Македонија, додека членовите 8, 9, 51, 52, 54 и 108 се во спротивност на Амандманот VIII од Уставот на Република Македонија, тоа беше нотирано од страна на претседателот на државата, но и од други еминентни правници. Целата процедура низ која власта го туркаше законот за двојазичност е нелегитимна. Власта го злоупотреби европското знаменце и под превезот на реформски закон од значење за нашиот влез во Унијата донесе неуставен закон, кој во општеството ќе креира правен хаос и конфузија – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.