Најмалку што парламентарното мнозинство сега може да го направи е да го повлече предлог-законот за јазиците и да се направат работни групи од сите политички партии, со вклученост на експерти по уставно право и експерти-јазичари, како и МАНУ, за да се види се дојде до решение на оваа ситуација, рече Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и в.д. координатор на пратеничката група на партијата.
Одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција тој порача оти ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува владиното мнозинство уште еднаш да направи чекор назад за да се види што ќе се прави со законот, откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, не го потпиша указот за стапување на сила на законот за јазиците што парламентарното мнозинство го усвои минатата седмица.
– Имаме закон кој што секојдневно на дневна основа, дури и експерти кои и до вчера но и денес се блиски до СДСМ, го критикуваат тој закон. Се работи за закон кој што засега голем број на луѓе во Република Македонија, го засега и целото општество – рече Ѓорчев.