Економската комисија на ВМРО-Народна партија констатира дека во последната година имаме драстично поскапување на музичките услуги, а со тоа како на концертните така и на билетите по дискотеките на сите музички групи од поранешна Југославија кои доаѓаат во нашата држава и притоа ги преполнуваат дискотеките и концертните сали.
„На пример само за настап во дискотека на група или пејач поединец од бивша Југославија цената се движи околу 30.000 евра. Предлагаме кон општиот бојкот на потрошувачите на македонските маркети да се додаде и бојкотот на сите овие настапи, со што на тој начин македонскиот потрошувач не само што ќе заштеди лично повеќе средства, туку и ќе ѝ помогне на македонската музика, а и на македонската економија во целина“, се наведува во соопштението на ВМРО-НП.
И претходно имало критики во јавноста дека пејачите од бившите југословенски држави добиваат високи хонорари за настапите во земјава, што не е случај со домашните пејачи. За Нова година и многу други прослави во Македонија, настапуваа естрадни ѕвезди од регионот. Дури имаше и случаеви кога македонските пејачи се жалеа дека не биле исплатени за настап на Нова година во Скопје.
Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, од јануари до октомври 2024 година, македонските општини потрошиле вкупно 961.000 евра на музички настапи, што е пад од околу 150.000 евра во споредба со минатата година, кога биле потрошени 1,11 милиони евра.
