Во Бугарија уапсени шест лица поради шпионажа за Русија

Сподели

 

Шест лица се уапсени во Бугарија под обвинение за шпионажа во корист на Русија, пренесува мета.мк.

Обвиненијата покренати за нив се според првата глава од Казнениот кодекс, за изнесување доверливи информации за Бугарија, НАТО и ЕУ, соопштија главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев и портпаролот на Военото обвинителство Елин Алексов.

На прес-конференција пред новинарите беа презентирани докази собрани со посебни истражни методи. Беа презентирани и аудио и видеоснимки. Шесте лица се обвинети за загрозување на националната безбедност, а истрагата почнала по информација дека незаконски предаваат државни тајни на друга држава.

Раководител на групата е поранешен раководен кадар од военото разузнавање, кој завршил образование во Бугарија и во странство, меѓу другото и во ГРУ, военото разузнавање на Русија. Основната задача му била да изгради нелегална агентурна мрежа, за којашто врбувал лица. Уапсена е и неговата сопруга, која покрај бугарско има и руско државјанство, била блиска до руските дипломати и служела како врска на мрежата со дипломатите и предавала информации.

Меѓу доказите што беа презентирани пред бугарските новинари, главниот на групата се слуша, иако нејасно, како му објаснува на еден од учесниците во групата кои се неговите мотиви.

„Види сега, мотивот, дали го знаеш мотивот? Јас не сум малку про-советски, јас сум про-сталинистички?“, вели тој.

Првиот од учесниците во мрежата е раководен кадар во Министерството за одбрана, а доставувал информации за буџетот на министерството. Вториот и третиот обвинет се од Военото разузнавање на Бугарија. Четвртиот обвинет е поранешен припадник на военото разузнавање. Групата прибирала информации поврзани за високотехнолошки тајни од воен и технолошки карактер.

Апсењата се извршени вчера, а еден од учесниците избегал, но подоцна бил уапсен близу до руската амбасада во Софија.