Фондацијата за интернет надзор , чија дејност е отстранување фотографии и видеа од интернет кои содржат злоупотреба на децата, информираше дека најмногу интернет-страници во светот со содржини во кои се прикажува злоупотреба на деца се од Холандија
Фондацијата за интернет надзор (IWF), чија дејност е отстранување фотографии и видеа од интернет кои содржат злоупотреба на децата, информираше дека најмногу интернет-страници во светот со содржини во кои се прикажува злоупотреба на деца се од Холандија, јавува Anadolu Agency (AA).
Невладината организација ИВФ, со седиште во Англија, го објави извештајот за 2016 година.
Според наодите од извештајот, најмногу интернет-страници во светот кои содржат фотографии и видеа од злоупотреба на деца се наоѓаат во Европа.
Во извештајот во кој се потсетува дека во 2015 година, Северна Америка имала најмногу интернет-страници со содржини од злоупотреба на децата, се наведува дека во Северна Америка оваа бројка паднала за 20 отсто во 2016 година, додека во Европа се зголемила за 19 отсто.
Според извештајот, околу 60 отсто од интернет-страниците со содржини од злоупотреба на децата се од Европа. Во процената на извештајот направена според класификацијата на земјите, најмногу интернет-страници со содржини од злоупотреба на децата се од Холандија. Од Холандија потекнуваат 37 отсто од овие интернет-страници, а потоа следат САД со 22 отсто, Канада со 15 отсто, Франција со 11 отсто, како и Русија со 7 отсто.
Во извештајот се вели дека 53 отсто од децата што се прикажани во фотографиите и видеата на овие интернет-страници се под 10-годишна возраст.