Основното јавно обвинителство – Скопје (ОЈО Скопје) соопшти дека дел од истрагата за насилствата во Собранието на 27 април целосно ја предава на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. ОЈО Скопје утврдило дека постоела соработка на неколку осомничени и затоа заклучило дека истрагата за тие случаи треба да ја водат нивните колеги кои гонат организиран криминал. Скопското обвинителство констатирало и дека во тие случаи не станувало збор само за учество во толпа.
„Станува збор за сплет на инкриминирани дејства, кои значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата ниту, пак, на оттаму произлезени конкретни кривични дела на сторители. Потребно е во оваа фаза, во согласност со законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи дел од дејствата преземени од лица инволвирани во настанот се во месна и во стварна надлежност на ова обвинителство. Од тие причини списите на предметот се доставени до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое го презема понатамошното постапување“, се вели во соопштението.
Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со истрага и со други дејства за лица кои не се опфатени во погоре наведените случаи, се додава во соопштението на ОЈО Скопје.