Владата на Косово усвои нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, кои вклучуваат затворање на ноќни клубови и дискотеки, забрана за организирање свадби и други семејни прослави и пократко работно време на угостителските и туристичките капацитети.
Новите мерки ќе важат до 1 септември, кога треба да се преоцени епидемиолошката состојба и врз основа на тоа да се одлучат нови мерки. Министерот за здравство Арбен Витиа на седницата на Владата рече дека не е исклучено преземање нови мерки, во зависност од епидемиолошката состојба. Премиерот на Косово, Албин Курти ги повика граѓаните на Косово да се вакцинираат.
„Должност над должностите за нас како одговорни граѓани е вакцината. Има вакцини, може да се избере нејзиниот тип“, рече Курти. На Косово вчера бече регистриран најголем број на новозаразени со вирусот 2.110 лица, додека четири лица починаа како резултат на инфекцијата. Претходно, министерот за здравство објави дека од 173 примероци испратени во странство, 171 биле позитивни за делта варијанта на корона вирусот.