Во Њујорк и во Европа протести за поддршка на жителите на Алепо

Сподели

ЊУЈОРК/ЛОНДОН (АА) – Повеќе стотици лица синоќа се собраа во Њујорк и во голем број европски градови за да протестираат поради страдањето на цивилите во сирискиот град Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).

Пред канцеларијата на британскиот премиер во Лондон се собраа стотици граѓани кои истакнаа натписи од типот: „Спасете го народот на Алепо”, „Алепо гори”, „Неакитвност-соучество“.

Демонстрантите ја критикуваа премиерката на Велика Британија, Тереза Меј поради отсуството на реакција на масакрот во сирискиот град и побараа од британската Влада да испрати помош во тој регион.

Група демонстранти се собраа пред зградата на амбасадата на Сирија во Лондон, за да искажат незадоволство поради нападите на цивилите од страна на режимските сили и нивните сојузници, како и поради хуманитарната катастрофа во Алепо.

Поддршка за цивилите во Алепо дадоа и жителите на Њујорк. Тие синоќа се собраа пред конзулатот на Руската Федерација на Менхетен.

Држејќи свеќи и транспаренти со натписи за поддршка на Алепо, и слики што го прикажуваат човековото страдање, њујорчаните го осудија насилството против цивилите во Алепо, а ситуацијата во тој регион ја нарекоа геноцид.

Апели да се спречи убивањето на цивилите се упатени од плоштадите во Париз, Берлин, Барселона, Стокхолм и други градови на Западна Европа.

Илјадници граѓани се собраа синоќа во повеќе турски градови. Неколку илјади демонстранти се собраа пред зградата на Рускиот конзулат во Истанбул, а сличен собир на невладина организација организираа и пред зградата на руската амбасада во Анкара.

И во Сараево денес во 15.00 часот ќе биде одржан митинг за поддршка на народот на Сирија наречен „Сараево – кон метрополите на светот за Алепо и Сирија“.

Митингот ќе биде одржан на Плоштадот на децата во Сараево, а ќе го организираат културни здруженија, организации на граѓанското општество, академската заедница и верските заедници во БиХ.

На овој начин, како што велат организаторите, од Сараево се испраќа поддршка за жителите на Сирија, особено за градот Алепо каде што секојдневно страдаат цивилите.