Премиерот Зоран Заев смета дека постои основ за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски кој одби во институцијата да вработи 35 рамновни административци. Според премиерот е неприфатливо тоа што Пауновски не ја почитувал хиерархијата и јавно се препукувал со него и со потпретседателот на Владата, Артан Груби.
„Институциите кажуваат дали некој од тие што им се понудени може да се вработи или не може, имало и други институции кои одбиле дел од предлозите. Но, секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега и со претседателот на Владата не може. Очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Сметам дека постои основ за негово разрешување затоа што не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените“, изјави Заев.
Тој истакна дека иако Пауновски е негов пријател, „ова е пркос којшто е недозволен“. Освен ова, Заев посочи дека од 1.349 рамковни административци кои земаа плата, а не одеа на работа, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и одат на трансфер листа, а 13 сами си дале отказ.
Директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски во изјава за Слободен печат е дециден дека нема да ги вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, за кои рече дека се неквалификувани кадри.
„За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко. Нас не ни треба администрација, туку луѓе за на терен, за во источна Македонија. Да ни дадат 20 инспектори за во источна Македонија, зашто немаме инспектори во Струмица, Кавадарци, Штип и Кочани“, вели Пауновски.
Според Груби и Николовски, Пауновски знае дека инспекторатите добиваат 104 вработувања, од кои 15 се за ДПИ и се надвор од оние според правична застапеност. Тие изјавија дека неприфатливо е да не се почитуваат одлуките на Владата.
“Спроведувањето на решението е распределено хоризонтално и солидарно со вклученост на дури 237 институции и до сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе.
Административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример, побарувањата што ги имаат инспекторатите.
За секое несогласување околу владини одлуки постоеле и постојат јасни механизми истото да се оствари низ институциите преку соодветната организациска поставеност, преку службени белешки, преку работни состаноци, на кои се аргументираат спроведувањето на политиките и одлуките во реализацијата на програмите на Владата. Воедно, ја известуваме јавноста дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.
Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.
Според членот 4 носителите на извршни функции ги вршат своите јавни овластувања и должности согласно Уставот, законот и другите прописи донесени врз основа на закон.
Согласно членот 6 носителите на извршни функциите слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе бидат донесени, а во своите јавни настапи политиките ги презентираат во согласност со овој Кодекс.
Според членот 10 од Законот за државен пазарен инспекторат, со работите на инспекторат со кој раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија, а според член 14 од Законот за инспекциски надзор, со инспекторатот раководи директор на инспекторат, кој го именува и разрешува Влада во согласност со законот.
Исто така, согласно член 6 од Закон за организација и работа на органите на државна управа самостојниот орган на државната управа, каков што е Државниот пазарен инспекторат, за својата работа одговара пред Владата на Република Северна Македонија, а во законот се предвидени постапки за непочитување на одлуки на Владата, меѓу кои и предлог за разрешување”, соопштија Николовски и Груби.
Инспекторите во Државниот пазарн инспекторат (ДПИ) застанаа во одбрана на својот шеф и бараат да се повлече барањето за негово разрешување.
Колегите на директорот Пауновски, пак, бараат Владата да се повлече од идејата за разрешување на првиот човек на Инспекторатот, кој според нив, изминатиот период покажал капацитет за успешно раководење со институцијата.
„Условите кои ги обезбеди за вработените и за работењето на ДПИ во три години од неговиот мандат се услови коишто ќе ги користат вработените уште многу години во иднина. Од набавка на нови возила, комплетна реконструкција на речиси сите подрачни одделенија, како и зголемување на бројот на инспектори во однос на административен кадар. Квалитетот на работењето, како и реномето на Инспекторатот го издигна на многу повисоко и попрофесионално ниво, за што укажуваат и остварените резултати“, вели инспекторката Александра Котели во изјава за медиумите.