Во Скопје одржан завршен настан на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Сподели

 

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, денес во Кино Фросина при МКЦ, одржаа завршен настан на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Овој проект е финансиран од Европската Унија, а се реализраше во соработка со Министерството за образование и наука. Проектот придонесува за суштинска вклученост на учениците со попреченост во редовните основни училишта, преку следниве активности: се доделија месечни стипендии на 474 ученици со попреченост, во 43 училишта беше подобрена пристапноста и инклузивноста, повеќе од 150 ученици со попреченост добиваа образовно-туторска поддршка, 300 родители беа консултирани за секојдневните предизвици и повеќе од 430 вработени во училиштата учествуваа во обуки за поддршка на процесот на подучување ученици со попреченост.

 

 

Настанот понуди разновидни содржини, од панел дискусија за инклузивно образование со претставници од релевантни институции, преку активности за најмладите со актерот Мартин Јорданоски, до изложба на 10-годишниот уметник и стипендист на проектот Филип Циглењак Симоновски, како и промоција на 30-минутниот документарен филм „Повеќе од попреченост“ кој е подготвен како дел од проектот. Овој филм е премиерно прикажан на овој завршен настан, а во текот на јуни ќе биде достапен и на националните и локалните телевизии и на социјалните медиуми на Фондацијата „Чекор по чекор“.

На завршниот настан свои обраќања имаа: Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, Претставникот од Делегацијата на Европската Унија, Нафи Сарачини и Извршната директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска.

 

 

На настанот, г-н Нафи Сарачини, во име на Делегацијата на Европската Унија, изрази благодарност за проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој постигна импресивни резултати во изминатите 30 месеци во остварувањето на својата благородна цел. „На сите ни е добро познато дека резултатите можат да дојдат, како што вели името на организацијата што го спроведува, чекор по чекор. Но, сите се надеваме дека конечниот исход ќе направи разлика во борбата против дискриминацијата и во промовирањето на еднакви права и гледањето на попреченоста како разновидни способности – позитивен елемент и талент што треба да се препознае и искористи“, истакна г-н Сарачини.

 

 

Министерот за образование и наука г-н Јетон Шаќири ѝ се заблагодари на Европската Унија за финансирањето на Проектот кој е од суштинска важност за остварување на визијата на Владата за градење еднакво општество за сите. „Резултатите кои ги постигнавме во изминатите 30 месеци преку проектот „Биди ИН, Биди ИНклузивен, Биди ИНклудиран“ се импресивни, мотивирачки и иницираат нови идеи и активности за обезбедување дополнителни облици на поддршка за вклучување на ученици со попреченост во редовните основни училишта и за олеснување на нивниот воспитно-образовен процес.” изјави Министерот Јетон Шаќири.

Во своето обраќање г-ѓа Сузана Киранџиска потенцираше дека целта на Фондацијата „Чекор по чекор“ е да идентификува остварливи и конкретни активности за градење инклузивен образовен систем кој ќе ја забрза заедничката цел за обезбедување можности за учење и развој на секое дете.  „Овозможувањето секое дете и семејство, особено оние кои се дел од ранливите групи, да бидат вклучени, почитувани и вреднувани, да партиципираат и да работат на остварување на заедничките цели и да го развијат својот потенцијал, е од интегрално значење за да имаме квалитетно образование. Токму проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ беше уште една заложба да ја оствариме својата визија за квалитетно и инклузивно образование за секое дете. Многу сме ѝ благодарни на Европската Унија, со чија финансиска поддршка го реализиравме овој проект.” изјави г-ѓа Киранџиска.