Во Турција уништени преку 300.000 книги по неуспешниот обид за пуч

Сподели

 

Повеќе од 300 илјади книги се отстранети од турските училишта и библиотеки и се уништени по обидот за пуч во 2016 година, соопшти министерството за образование на Турција.

Министерот Зија Селџук минатата недела изјавил дека вкупно биле уништени 301.878 книги во акцијата на власта против сè што е поврзано со проповедникот Фетула Ѓулен, кој е обвинет како организатор на неуспешниот воен удар во земјата пред три години. Ѓулен отфрла секаква поврзаност со настаните.

Бројката на уништени книги првично беше објавена во весникот Хуриет, додека на новинскиот портал Кронос27 беа објавени и фотографии од палењето на книгите.

Според друга интернет-страница, на која во описот стои дека „ја водат млади новинари кои сакаат да бидат глас на турскиот народ под репресивниот режим“, книгите по математика од 2016 година биле забранети бидејќи во една од вежбите, каде стоело: „од точка Ф до точка Г“, се спомнувале иницијалите на Ѓулен.

Весникот Бир Ѓун објавил дека 1,8 милиони тетратки се уништени и повторно испечатени бидејќи тие го содржеле „спорниот“ збор Пенсилванија, местото каде Ѓулен престојува засолнет од турските власти. Истовремено сите улици во кои е содржано името „Ѓулен“ во Анкара се преименувани.

Критики за коментарите на турскиот министер за образование упатија организациите за заштита на слободата на говорот.

„Само во последните три години објавените содржини во Турција драстично се намалуваат. Под изговор дека „шират терористичка пропаганда“ дури 29 издавачки куќи се затворени за време на вонредната состојба“, стои во соопштението на Меѓународното и Англиското здружение на писатели – ПЕН.

Според извештаите на Англискиот ПЕН од 2018 година затворени биле 200 медиуми и издавачки организации по неуспешниот обид за пуч, додека 80 писатели биле под истрага, а откази од работа добиле 5.822 академици од 118 државни универзитети. Извештајот укажува на „криза на слободата на изразување“ во Турција.

 

„Владата драстично го зголеми влијанието врз медиумите и издаваштвото, а со тоа и ги замолкна критичните гласови. Ги повикуваме властите да дозволат отворање на независни издавачки куќи и итно да ги прекинат активностите против слободата на говорот“, додаваат од ПЕН.