Албанија, очекува во 2019 година и нивниот дел од Охридското Езеро, да биде ставен под заштита на УНЕСКО. Тоа е интерес и на Република Македонија, поради што во Струга претставници на двете земји ги договараа мeрките за прекугранично управување со сливот на Охридското Езеро со цел обезбедување на статусот на УНЕСКО и на тој дел од езерото.
И додека во Поградец и другите помали места од таа страна на езерото властите на Албанија упорно рушат диви објекти и слични градби со цел да се добие посакуваниот статус, на нашата страна, охридскиот регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што се толкува како чекор до губење на статусот на заштитено подрачје.
Најновото предупредување со сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, дојде од Истанбул, Турција од седницата одржана во јули.
Договорено е УНЕСКО во Македонија да испрати советодавна мисија која треба да и помогне на владата да ги отстрани сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот, а Македонија да ја испрати целокупната барана документација.
Предупредувањата од УНЕСКО се однесуваат на измената на планот за националниот парк Галичица, каде се планира изградба на експресен пат, ски центар и три туристички зони.
Тоа би имало негативни влијанија и претставува потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство.
За жал, и покрај сите укажувања, постапката за реализација на овие проекти продолжува.