ВОЕНА ПРОПАГАНДА – АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski foto

ВОЕНА ПРОПАГАНДА

Десет долги години сме под тотален терор на националистичката кампања на владеачите. Десет години се на власт, десет години имаат нивни премиер, нивни министри, нивен претседател, нивен парламент, нивни началници за разузнавање и контраразузнавање…, располагаат со милијарди и милијарди евра буџетски пари, ги користат сите ресурси на државата, вработуваат, поставуваат директори, делат тендери… и, сè уште, се однесуваат како Калимеро: сè некој друг нив ги притиска, ги прислушува, судски ги гони, им организира комплоти… Сè некој друг им е виновен за она што им се случува, ама само тие се заслужни за сите успеси и привилегии кои ги имаат.

Нашата националистичката пропаганда се надополнува со класичната воена пропаганда. Имено, нашата пропаганда непрестано повикува на борба за одбрана на „народот“ од внатрешните и надворешните непријатели, непрестано ја потенцира националната „големина“ и националните „успеси на сите полиња“, непрестано го хипнотизира јавното мислење, со цел да изврши „тотална“ мобилизација во одбрана на власта и привилегиите од неа. За таа цел ги користи алатките и на воената пропаганда со нејзините војнички труби, грбови и знамиња, униформи, ред и дисциплина, ѕвечкања со оружје, „нагонската омраза“ кон непријателот, хистеричен страв од поразот… Затоа, со право може да се тврди дека и во мирновременски услови, ние сме под дејство на силна и сурова воена пропаганда.

Нашиот реваншистичи национализам проповеда дека сите други се криви за несреќите што ни се случувале низ историја и за сите грди работи што ни се случуваат во сегашноста. Тој национализам се држи во пропагандата за „традиционалните“ вредности како Наше Тло, Родна Грутка, Прадедовско Огниште, Света Татковина, Библиска Земја. Впрочем, врз овие постулати се темелеле сите националистичко-реваншистички воени авантури и сета националистичко-воена пропаганда низ светот, најмалку, во последините двеста години. Нашата е само „надоградена“ и „надополнета“ со кретенската антиквизација, бесмислениот бугаромански врховизам, дегутантниот антикомунизам и безумниот антисоцијализам. Да се каже дека сето тоа е само бедна лага и грандиозна глупост, е непотребно, оти е сосема јасно и очигледно.

Всушност национализмот и неговата „воена“ пропаганда стандардно се држат до вербалната мантра по која држењето за родната земја, за својата благодарна и благословена бразда, до дедовската ораница, значи да не се даде човек да се искорени од страна на антинационалните, космополитските и интернационални сили кои го имаат изгубено својот автентичен лик и секоја смисла за национална вредност. Во пракса тоа значи, преку пишуван збор, но и со оружје ако е тоа потребно, да се бдее крај спомениците од забеганиот проект „Скопје 2014“, да се негува исклучиво „македонската“ песна, да се чува традицијата, фолклорот и етничките духовни вредности како најсвета реликвија.

Така, по десет години владеење и практикување на антицивилизациска воена пропаганда, под ударите на портокаловите пропагандни торпеда, пред нашите очи, постепено тоне последниот брод на кој беше натоварена нашата верба во интелигенцијата, политичката памет и разумот на македонскиот народ. И да се разбереме, воопшто не е едноставно да се гледа и опишува овој наш бродолом. За никого не е едноставно, сред општиот самрак на моралот, да се извиши до врвовите од каде ќе може спокојно, рационално и чесно да го набљудува тонењето на колективната „национална памет“ и, евентуалното, исчезнување на сопствената држава.