Воени тапани пред планетарна катастрофа – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

 

Воената збрка е веќе тука околу нас, со неа треба, сериозно и крајно загрижено, да се смета. Црната маса на професионалци на смртта и воени профитери се има покренато, а тоа, како што слушаме и гледаме, значи колежи и палежи, страдање и смрт.

Aлександар Литовски
Александар Литовски

Сето човештво живее во антихумано потрошувачко општество, во траен сплет на лаги, закани, корупција и страв. Сите кои се намерачиле да ја критикуваат таквата стварност и кои се спротиставуваат на денешните неолиберални стопани на светот, исправени се пред реалната опасност да бидат жигосани и демонизирани како „комунисти“, фундаменталисти“, „еретици“ и „терористи“, та дури да бидат засекогаш иставени од овој свет, да бидат уапсени и затворени во некојси „непостоечки“ Гвантенамо, а потем заклани, стрелани или отруени. Да се говори и дејствува хуманистички и антикапиталистички во овој денешен момент на триумф на неолиберализмот и неофашизмот е многу опасна и крајно непрофитна работа.

Место слобода, неолибералите создадоа робовладетелство кое се одигрува на глобалниот парламентарно-церемонијален театар, место правда отворија велетрговија на гревот и криминалот и ја продаваат строгоста на „законот“ за скапи пари, а нивните пропагандисти и обичните милитантни силеџии со пендраци, пиштоли и ракети, со теророт врз луѓето дејствуваат разорно, па така расте злото на сите страни. Го доживеавме и таквото малоумие, сериозно да мисли плебсот дека тајкуните од Вол Стрит се некакви „милосрдни сестри“ и „бизнис ангели“, дека грубата сила станала легитимно средство за наметнувањe на сопствената волја, дека веќе не е доволно да се јаде туку ненаситно да се лапа, дека не треба да се љуби, туку да се блудничи, дека треба што повеќе да се поседуваат пари и имоти…

Ситнобуржоаската малограѓанштина недообразована, недоописменета, интелектуално површна, бесовесна и задоена со грубост, со својата холивудска кич-култура, насекаде низ светот, обесчести и деградира сè доблесно и убаво, што можеше да обечести и деградира. Обичните глупави силиконски холивудски старлети и филмски тепачи се претворени во мраморни и достоинствени споменици на прифатливата „доблест“, во „идоли“ на „младите“ и врз нив се темели неолибералната „горда“ зграда на светската култура. Тоа е идиотизам, секако. Но, уметноста, и онака, одамна веќе е обична реклама за индустриската стока, или пропагандистичка плаката за супрематизмот на неолибералната идеологија. Ларпурлартичката идеалистичката теорија, по која самата уметност нема никакво значење во просторот и времето, ниту во рамките на меѓучовечките односи, туку дека таа е појава за себе, дека постои сама заради себе сама, дека е вечна и слободна и над сите нешта, како фантом, е најпроѕирно невистинита и најсмешна, во светлина на империјалистичките војни кои уништуваат сè уметничко и човечко пред себе и, секако, во светлина на неолибералната догма и пракса за нужната профитабилност на сè околу нас.

Господата граѓански интелектуалци кои се неолиберални пци-чувари, кои ‘рчат врз вреќите со злато на разните рокфелери, депонирани низ вековите во Банката на банките, денес отворено лајат за поддршка на војната и се борат со песји јазик и со перо против слободата, правдата и општочовечката еднаквост. Крвопролевањата, светиштето низ рововите и во „шарените револуции“, палежот и грабежите, сите неолиберални дивизии од војници и пропагандисти кои под наметката на писатели и научници денес милитаристички завиваат низ Европа, се најопасните непријатели на хуманоста и цивилизацијата. Ако победат овие современи варвари со бели крагни кои разурнаа сè од Триполи до Багдад, следува пропаст на културата и цивилизацијата.

Страшно звучат воените тапани на нелибералните милитаристи… Нивната топовска врева, веќе со десетолетија, грми пo сите агли од земјината топка, а денес се доближува до нуклеарна катастрофа. Hannibal ante portas. Сите осум милијарди капиталистички робови треба да сме уплашени заради таквата перспектива. Секој поклоник на слободата и правдата, денес мора да е трајно вознемирен и предизвикан од милитаризмот и неправдата што го опкружуваат. Во оваа неолиберално-капиталистичка стварност, во која живееме, на човека може само да му се гади и да се чувствува лошо, незадоволно и револтирано. Сите треба да сме крајно огорчени и лути, заради лудите крвави војни кои треба да зголемат нечии банкарски профити. Заради рушењето на цивилизацијата и смртта на безбројни недолжни луѓе. И сите треба да станеме на протест и да ја спречиме планетарната катастрофа, додека не е доцна.