ВОЈНИ ЗА ПРОФИТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Светот е, сè поболно и сè побезумно место за егзистенција, оти е контаминиран од злото и лудоста на профитот. Во име на профитот и Господ, луѓето не само што робовски експлоатираат други луѓе, туку војуваат и убиваат, а неофашистите и неолибералите го напаѓаат поинаквото мислење крајно догматски и сурово, лаат интелектуалношарлатански глупости и секој, што е трезен, во оваа општа десничарско-демохристијанска опијанетост на телото и духот, се наоѓа во опасност од животна гибел.

Александар Литовски

Умот човечки се изобличил до една единствена замисла: како би можел да скине што повеќе живи глави во името на личниот профит. Ако некој каже дека се сомнева во „единствено исправната“ и „правоверна“ неолиберално-капиталистичка теза дека „само интересот е вечен“, веднаш гo ставаат на медиумска бесилка како непријателски агент. Веќе на сите страни душкаат провокатори и шпиони, а медиумската евроатланска полиција ги следи пишувањата на сите непослушници и „непријатели“ на глобалниот диктаторски поредок.

Овој неолиберален микс од економски и социолошки лаги, софистика, празноверја, слепи заповеди, организирано насилство, логика на полниот лонец и грубата сила, крвничката инквизиција, стравовите и глупостите, се издигнува како џиновски бран, како смртоносно цунами и се заканува дека ќе го покрие светот со црната коприна од неслобода и цензура. Постојат, и видливи се, низа авторитарни и военозаканувачки процеси, кои со право би го навеле човек да помисли дека неофашистичките и неолибералните слепци и мизантропи, повторно како и старите фашисти од првата половина на дваесеттиот век, ќe станат толку страшен општествено-политички елемент што како стампедо од бесни вепри ќе уништат сè човечко пред себе?

Сè денес, во паметењето за минатото, извира од матни десничарско-тајкунски извори, а работата со историјата, како што нè учи искуството, не може да се реши со политичко-фашизоидни „резолуции“ на Советот на Европа за востоличување на десничарскиот ревизионизам како вистинита историја. Ниту геостратегиско водство е можно со политички пресуди од судовите во Хаг и Стразбур. Оваа општочовечка политичка трагедија, овој злобен, неетички и антихуман процес што некои го нарекуваат неолиберален глобализам, се раѓа од желбата за целосна светска доминација, цензура и тотална контрола на општествено-политичките процеси. Тоа, во основа, е глупава, слепа, идеолошка омраза спрема правдата, еднаквоста и слободата, а сиот денешен свет е на толку низок степен на моралната скала, што интелектуалците играат улоги на џелати на вистината и прогресот, улоги на крстоносци кои водат војни за олигархијата да може да продолжи да спие во златните кревети и да ужива во издрогираните проститутки. Како пел-ебстајнова треска, оваа зараза од дрдорење и лаењe го обезглави сиот свет и никој (мудар) не може денес, во годината дваесет и втора од бедниот дваесет и први век да каже што ќe биде на крајот од денешното идеолошко и воено лудило?

Сè е под оружје. Буквално и фигуративно. Крупната буржоазија, кулаците, трговците, мануфактуристите и плебсот работат едни на други за главата, а оние дементни стари лудаци кој го држат прстот на копчето со нуклеарни боеви глави, подготвени се, во моменти на „просветление“ во своето старечко бунило, со еден мал потез на прстот да ја уништат цела планета. На сите страни се топорат разни политичари и генерали кои зборуваат за опсадни состојби и грмежи на топови. Паралелно со сето ова воено лудило, цела глутница интелектуални цензори и инквизитори е мобилизирана да одработува во пропагандната војна која непрестано безмилосно се води.

Живееме во време на општа човекова декаденција, време во кое хипертрофијата на човечкиот мозок стана евидентна и е опасна за опстанокот на човечката раса. Време на триумф на апорофобични и расистички теории, како онаа на оној министерски управник во германското министерство за внатрешни работи во Берлин, д-р Артур Гит, кој своевремено објавил дека заради недостаток на желба за сексуални задоволства, „западната цивилизација е во опасност да пропадне“, бидејќи „и расте мозокот“ на штета на половите органи. Тој нацифашистички „мудрец“, откако заклучил дека мозокот го загрозува множењето на човечкиот вид кај „цивилизираните народи“, сосема „логично“ ја извлекол тезата дека треба да се ограничи растот на мозокот и умноста, а да се развиваат половите органи и разузданата сексуалност. Сличноста со денешниов фаворизиран начин на блудно живеење е наполно очигледна. Затоа, денешната вистинска човекова борба треба да биде победа на умот и човечкото достоинство над подмолното и кусогледо незнаење, над неолибералните војни за профит, над антиморалноста, над сите политички недоследности и над сите отровни и опасни сили што се котат во темнините на најбаналните холивудски слабоумности и халуцинациите во генералштабните сали.