Вработени во МНР на протести на кои се каменува куќата на дипломатијата

Сподели

 

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството.

Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија.

Би сакале да нагласиме дека претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР, и како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид.

Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешно – политички чекори.