Вработените во високото образование и науката од септември ќе добијат за 10%, повисоки плати, а ќе им биде исплаќан и минат труд, кој само некои од установите го исплаќале досега, откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура СОНК за првпат потпиша колективен договор со Министерството за образование и наука. Независниот академски синдикат (НАкС) исто така се приклучи кон колективниот договор.
Со вклучувањето на НАкС во колективниот договор за првпат во 30 години независна држава, професорите директно преговараа за своите права со МОН, без посредство на раководните структури на државните универзитети. Од синдикатите сметаат дека овој колективен договор е исклучително важен за правата на работниците, во однос на решенија на системски проблеми кои ги засегаат вработените во секторот со години, социјалниот дијалог и регулирањето на односите помеѓу различните чинители и препознавањето на што е значајно во политиката на високото образование и науката.
Со новиот Колективен договор е направен чекор во позитивна насока, да се реализираат барањата од првите две години на петгодишниот предлог план. Очекуваат унапредувања на правата на сите вработени и реализирање на зацртаните барања во целост и дека со забрзано темпо ќе се реализираат по завршување на здравствената криза со пандемијата.
Колективниот договор ги нормира и унапредува правата на работен однос во секторот високо образование и наука: вработување, унапредување, право на годишен одмор, право на платено и неплатено отсуство, право на отпремнина, заштита од отказ, услови за парична помош, синдикална организација итн.
Во договорот се дефинира начин за пресметување на платата, кој се темели на степенот на сложеност и одговорност на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната државна плата. Со овој начин на пресметка се обезбедува систем на валоризација, но и континуиран раст на платата, која ќе расте заедно со просечната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите како во изминатиот период.
Дополнително, во основната компонента на платата, ќе се исплаќа и минат стаж. Колективниот договор го утврдува и горниот праг на оптовареност на наставниот кадар со задолжителна настава и прекувремен број на часови. како и исплаќање на преекувремената работа.