ВРЕМЕ НА БЕТОН, режија Игор Иванов, 20 – 23 мај со почеток од 20:00 часот во МКЦ, Кино Фросина
’Време на бетон’ ја раскажува приказната за #Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната архитектура, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век, на кусата ера на брутализмот. Авторите на документарниот филм се занимаваат со прашањата: Што е она што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност, естетска, архитектонска, практична и зошто тој е со децении предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? ‘Време на бетон’ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени.
Филмот е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски и Скопје филм студио.