Иако би можело да се заклучи дека лицата кои произведуваат или се појавуваат во видеа на каналот Youtube (т.н. јутјубери), може да бидат предвесници на некои позитивни промени во општеството, се чини дека е така само на површината. Јутјуберите ќе го врзат своето постоење со комерцијални интереси и ќе продолжат да создаваат содржини што може да ги наплатат. На крајот на краиштата, јутјуберите се само изданок на владејачките капиталистички текови.
Во оваа ера на Интернет, младите минуваат сè повеќе време на разни онлајн социјални платформи. Најпопуларните социјални платформи за нив секако се Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram), и се разбира Јутјуб (YouТube). Во своите почетоци, Јутјуб бил замислен како платформа која на сите треба да им овозможи бесплатно поставување и споделување разни видео содржини. Всушност, појавата на Јутјуб најави епоха во која корисниците се во центарот на вниманието и не само што можат да консумираат содржини, туку и самите да ги создаваат и објавуваат. По 15 години постоење на Јутјуб, нештата драматично се изменија. Јутјуб веќе не е простор кој служи за корисниците да се изразат креативно, туку стана комерцијална платформа за правење пари што ја користат не само поединци, туку и корпорации. Професорката Јозеј Ван Дајк објаснува дека Јутјуб всушност е преобразен во медиум „кој сега е важен јазол на еволуирачкиот екосистем на медиумски конгломерати со кои управува Гугл“.
Новата дигитална средина во која доминираат Гугл (во чија сопственост е Јутјуб) и други дигитални гиганти Епл, Амазон, Мајкрософт и Фејсбук произведе нови идоли за младите кои се родени во дигиталната доба (дигитални домородци). Секако, зборуваме за јутјуберите. Тие се претежно миленијалци кои секој ден снимаат и објавуваат (интересни) видео клипови на Јутјуб и се навистина многу популарни кај помладата популација.
Една од причините за популарноста на денешните јутјубери е што, за разлика од другите мега популарни (филмски, музички, спортски) sвезди, тие се многу подостапни за своите обожаватели. Покрај тоа, јутјуберите го зборуваат јазикот на младите, ги разбираат нивните навики и потреби и генерално се однесуваат согласно со вредностите и начинот на живот на младите. Со други зборови, јутјуберите се како нив, деца од соседството. Тие ги користат сите предности на платформата, пред сè за да заработат пари и да станат популарни и препознатливи, што всушност е нивната главна цел. Во овој поглед, сите „професионални“ јутјубери имаат многу скапа продукциска опрема. Водат сметка нивните видеа да бидат атрактивни, збогатени со различни визуелни ефекти, детали и специфична музичка позадина која дава одредена динамика и смисла.
Од гејмери до фитнес инструктори – сите се јутјубери
Во последниве неколку години започна експанзија на јутјубери кои објавуваат разновидни содржини кои можат да послужат и како критериум за нивна класификација.
На прво место се чини дека е најраспространетата група – гејмерите, односно јутјуберите кои својата содржина ја посветуваат на играње и коментирање видео игри. Видео игрите се многу популарни кај децата и младите, така што со гледање на овие содржини тие всушност можат да ги подобрат своите играчки вештини. Исто така, тие можат да се поврзат со други деца. Се чини дека играњето игри е всушност најлесниот начин да се достигне што е можно поголема публика. Поточно, гејмерите не мора да бидат особено креативни за да создадат оригинални видео содржини (како што мораат другите јутјубери кои не се гејмери) затоа што содржината веќе им е дадена. Ним им останува само да коментираат што е можно поинтересно и да бидат успешни во играњето игри. Гејмерите го користат специфичниот јазик на младите, но и уличниот говор, кој често вклучува и пцуење. Пцостите се всушност една од главните одлики на „гејмерската култура“, затоа тој вокабулар не треба да се поистоветува со, на пример, невоспитаност и некултура или намера да се навреди или повреди некого. Пцуењето и користењето вулгарни зборови во тој свет имаат сосема друга улога. Со пцостите всушност се надминуваат бариерите помеѓу гејмерот/јутјуберот и публиката и се постигнува еден вид блискост. Во овој контекст, пцостите се еден вид катализатор што го забрзува зближувањето меѓу учесниците, овозможува непосредност во комуникацијата и ја руши онаа дистанца што постои помеѓу непознати актери во комуникација. Исто така, може да се забележи дека светски познатите јутјубери, како што е Феликс Кјелберг, попознат како PewDiePie (најпопуларниот јутјубер кој има 102 милиони следбеници), всушност ги започнале своите кариери како гејмери.
Извор: mia.mk
Иако гејмерите се најраспространети, најпопуларната група на јутјубери се оние кои создаваат комични и забавни содржини. Во оваа категорија може да се сврстат и оние кои објавуваат „content“ (јутјуберски израз за содржина) што се карактеризира како практична шега или местенка (prank) или предизвик. Со други зборови, овие јутјубери се махери за различни форми на „лудории“ и „авантури“, но често создаваат и содржини во кои претставуваат различни форми на предизвици за публиката која ќе ја најдат на улица или слично при снимањето на видео содржините. Овие видови содржина често имаат за цел да ја шокираат публиката и изобилуваат со евтин хумор и провокации. Овие јутјубери често се подготвени и самите да прават разни необични потфати, како што се јадење необична храна, капење во ладна вода и слично. Тие знаат и да објавуваат музички видео спотови за да привлечат внимание.
Исто така, меѓу најпопуларните јутјубери се оние кои се занимаваат со некои од следниве теми: готвење, шминкање, мода, фитнес и физички изглед, „направете сам“ (do it yourself) и сл. Може да кажеме дека овие јутјубери заземаат значајно место на сцената, иако тие се значително помалку популарни отколку, да речеме, гејмерите или забавувачите.
За шака лајкови и претплатници
Кога станува збор за комерцијален успех, јутјуберите генерално го темелат на прегледи и спонзорства. Логиката е многу едноставна. Поголем број претплатници, или повеќе лајкови, прегледи и споделувања носат поголема популарност за јутјуберот. Популарноста привлекува спонзори кои им плаќаат на јутјуберите да ги рекламираат своите производи на различни начини. Рекламирањето може да биде директно, т.е., да речеме некој јутјубер пие популарен пијалак (на пример, кока кола), или носи одредена брендирана гардероба, користи позната марка на телефон, камера, итн. Јутјуберите можат индиректно да рекламираат и туристички дестинации, ресторани, клубови, храна, спортска опрема итн. со тоа што нешто од горенаведеното „сосема случајно“ ќе се најде во нивните постови. Практично, може да се каже дека јутјуберите станаа подвижни рекламни платформи, а често се случува содржината што ја емитуваат да служи само како повод за рекламирање некаков производ, идеја и сл. На пример, јутјуберите кои снимаат видеа со храна, или оние кои се бават со фитнес, всушност создаваат содржина за да можат да промовираат некои од најновите колекции на спортска опрема или садови на некоја компанија, и сл.
Најплатениот јутјубер според Форбс е момчето Рајан Кejџи кој во периодот од јуни 2018 до јуни 2019 година остварил заработка од 26 милиони американски долари преку Јутјуб. Станува збор за осумгодишно момче кое (со помош на неговите родители) започнало да објавува видео содржини на само тригодишна возраст. Тогаш, содржините биле тесно поврзани со платена промоција и одредени рецензии/анализи на играчки. Денес, ова момче е практично компанија сам по себе, бидејќи веќе има своја линија на играчки, облека и слично. Исто така има свое шоу „Светот на Рајан“ (Ryan’s World), кое се емитува на Никелодеон.
Балканската Јутјуб сцена
Во јавната сфера често може да се слушне дека балканската јутјуб сцена е една од „најјаките“ во Европа и во светот. Овде накратко ќе ги претставиме најпопуларните и најзначајни претставници на балканската јутјуб сцена. Јутјуберите од Србија дефинитивно се најпопуларни на Балканот. Меѓу нив, најпопуларните се „Муџа“ (Стефан Вуксановиќ) (1,61 милиони следбеници), за кој се смета дека е „таткото“ на српската Јутјуб сцена. Тој меѓу првите создаде профил и започна да снима содржина фокусирана на видео игри. Понекогаш објавува и некои рецензии на нови технолошки гаџети, како и семејни моменти (новогодишни прослави, разменување новогодишни подароци и сл.). Сепак, главниот фокус е на видео игри, за кои е најпознат.
Иако има малку помалку следбеници од „Муџа“, за „Бака Прасе“ (Богдан Илиќ) (со 1,55 милиони следбеници), можеме со сигурност да кажеме дека е најпопуларниот и најбогат јутјубер на Балканот. Уште во 2011 г., ја започна својата кариера на Јутјуб и тоа како гејмер, а денес објавува различни типови содржини: забавни скечеви, предизвици, местенки, коментирање видеа и песни на други луѓе (diss tracks), па дури и свои музички спотови. Неговата музика се вклопува во жанрот во современиот музички мејнстрим кој е комбинација на хип хоп и трап, што секако е популарен кај младите. Како и со „Муџа“, членовите на неговото семејство често се појавуваат во видео содржините што ги објавува, што може да биде интересно и да создаде чувство на блискост и доверба. Неретко, овој јутјубер е критикуван за употребата на вулгарни зборови и пцости во неговите клипови, но како што самиот вели, тој не сака да се коригира бидејќи така не би бил тој што е. Смета дека публиката го сака таков каков што е и вокабуларот што го користи е составен дел од тоа. „Бака Прасе“ има уште еден канал, „Бака Сепра“, наменет исклучиво за играње видео игри. Со оглед на разновидната содржина што ја објавува, која привлекува големо внимание, тој е практично лидер и трендсетер на јутјуб сцената. Во скоро секој клип, ја известува својата публика да купат маици и дуксери со неговата мантра „шаимсе“, со што остварува дополнителна заработка, но исто така промовира одреден моден стил.
Во Босна и Херцеговина, како најпопуларни јутјубери забавувачи се истакнуваат „Омчо“ (Омер Надаревиќ) и „Меца“ (Амел Дружановиќ). „Омчо“ има 1,2 милиони следбеници, додека Меца има над 650 илјади. И двајцата се сврстуваат како забавувачи, односно јутјубери кои објавуваат скечеви кои имаат за цел да ја насмеат и забавуваат публиката. Во своите клипови, „Омчо“ настојува да се шегува на сметка на Босанците. На смешен, а понекогаш и бизарен начин, сака да објасни како Босанците се однесуваат во одредени ситуации (наслови на некои од клиповите: „Босанец заминува во Германија“, „Босански сељак на мотор“, „Босански крмнак на базен“). „Омчо“ и „Меца“ честопати се појавуваат заедно во видео скечевите. Инаку, скечевите на „Меца“ се поумерени и обработуваат многу поразлична тема споредено со „Омчо“. Меѓу најпопуларните гејмери во БиХ се „Император FX“ (Нермин Рапкиќ) и „Церикс“ (Аднан Цериќ), кои објавуваат содржини главно поврзани со видео игри. Од БиХ, исто така, треба да се споменат јутјуберите „Загу и Филипа“ кои објавуваат различни содржини, претежно наменети за деца. Тие, за разлика од некои други јутјубери, користат пристоен јазик. Го отвориле каналот во 2016 година и досега имаат 625 илјади следбеници. Во Хрватска најпопуларен јутјубер е „Doctor DS“, што е канал на кој се прикажуваат видеа за тоа како самите да направите нешто, со 954 илјади следбеници. Од друга страна, најпопуларните хрватски гејмери се „KingsOfFailShow“ (951 илјада следбеници) и „Bloodmaster“ (886 илјади следбеници). Сепак, иако можеби не е најпопуларен, сигурно е дека „агадматор“ (Антонио Радиќ) е најинтересниот јутјубер од Хрватска. „Агадматор“ е гејмер кој ја добива својата популарност коментирајќи, ни помалку ни повеќе, шаховски партии. Инаку, ова е првиот јутјубер шахист во светот кој има повеќе од 500 илјади следбеници. Во Црна Гора има голем број на јутјубери како што се „аднанбро“ (601 илјада следбеници), „идзо“ (325 илјади), „бенго“ (267 илјади) за кои може да се рече дека се класични гејмери кои секојдневно објавуваат содржини за видео игри. Конечно, во Македонија се издвојува „GP“ (196.000 следбеници), кој објавува разновидна содржина, од видео игри до музички видео спотови.
Се чини дека балканските јутјубери дефинитивно ја презедоа улогата на идоли на младите. Нивните настапи (Balkantubefest) се посетени, а нивните нови објави се чекаат со нетрпение. Иако се многу популарни, домашните јутјубери не можат да се пофалат со посебна оригиналност и инвентивност, затоа што најчесто ги копираат веќе проверените форми и содржини што ги објавуваат попопуларните колеги од западните земји, така што може да се каже дека претежно се движат по веќе пробиени патишта низ „глобалното село“. Сепак, позитивно е што јутјуберите неодамна се јавуваат во улога на промотери или амбасадори на разни невладини и меѓународни организации. Тие полесно можат да привлечат внимание кон одредени проблеми со кои се соочуваат младите (насилство, говор на омраза, заштита на податоци на интернет и сл.). отколку организирани кампањи. Уницеф од Босна и Херцеговина во рамките на кампањата „слушајгодетето“ за 2019 година ангажираше познати јутјубери од БиХ – Церикс и Браќата Гајиќ, да ги промовираат правата на децата и полесно да допрат до децата. Преку објавувања и стории на профилот на Инстаграм на Уницеф БиХ и преку нивните профили, Брацо и Церикс ги повикале своите фанови ним и на Уницеф БиХ да им постават какви било прашања што ги интересираат и се однесуваат на правата на децата. За помалку од два часа, биле поставени повеќе од 100 прашања, а Брацо и Церикс одговарале преку неколку преноси во живо.
Иако од овој пример може да се заклучи дека јутјуберите може да бидат предвесници на некои позитивни промени во општеството, сепак се чини дека е така само на површината. Нивната одговорност треба да биде голема, затоа што станаа херои на младите, но тоа не значи дека новомедиумските херои ќе го „спасат светот“. Јутјуберите ќе го врзат своето постоење со комерцијалните интереси и ќе продолжат да создаваат содржини што ќе можат да ги наплатат. На крајот на краиштата, јутјуберите се само изданок на владејачките капиталистички текови.