Укажуваме дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор. Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација.
Во вакви ситуации нужно е надлежните институции да преземат итни мерки со цел да покаже дека не се толерира неказнивност при груба злоупотреба на јавниот говор во интернет просторот. Оттука, ја поздравуваме брзата и транспарентна реакција на МВР и Обвинителството и очекуваме во најбрз рок да има судска постапка со која ќе се покаже дека ваков тип на злоупотреби подлежат на санкции.
Освен ова, укажуваме дека одговорноста за тоа кој и каква содржина за публиката креира ја имаат компаниите кои преку платена реклама своите производи ги промовираат на вакви платформи. Рекламерите треба да знаат дека имаат општествена одговорност и дека свесно поддржување на вакви содржини ги прави соучесници во промоција на искривени вредности во нарушувањето на граѓанските права. Затоа потребно е тие јавно да се оградат од ваквиот јавен наратив, да ја преиспитаат својата соработка и во иднина да внимаваат каде се рекламираат.