Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во гостувањето на „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ „Сител“, зборуваше за реакциите по резултатите од Годишните конкурси за поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2024 година и нагласи дека реакциите не ги доживува како скандали, туку напротив смета дека програмата носи нов квалитет за збогатување на културната сцена во државава.
„Овие конкурси се основен начин на финансирање на националните установи од културата, а се олеснување во финансирањето на другите корисници, на кои покрај финансиската поддршка им се овозможуваат и други олеснителни околности за реализација на проектите“, објасни министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска повтори дека реакциите се вообичаени, но годинава не се согласува со нивото на дискусијата околу програмата, и додаде дека е очекувана јавна дебата зашто од 2017 година резултатите се објавуваат транспарентно и отчетно, во однос на насловот на проектот, носителот и висината на средствата, за разлика од минатото кога беше објавуван само список на поддржани проекти.
Дел од јавните коментари се однесуваа и на критика кон членовите на стручните комисии што ги оценуваат и ги избираат проектите, за што Костадиновска-Стојчевска изрази жалење дека и тие се изложени на недолични оцени од јавноста иако се докажани личности од општествено-хуманистичките науки.
„Во комисиите има најмалку партиски лица. Тие се составени од професионалци кои имаат свое учество во културата и во менаџирањето и исполнуваат еден од условите што ги имавме, а тоа е да не се повторуваат истите имиња во последните неколку години“, посочи министерката за процедурата како се избираат членовите на комисиите.
Таа ги објасни апликациите што се однесуваат на учеството на албанските драмски ансамбли од државава на фестивал во Приштина, Косово. Додаде дека се работи за регионален фестивал чие седиште на одржување се менува секоја година, а следната ќе се одржи во Скопје.
Околу јавната реакција за намален буџет за „Рациновите средби“ во Велес, Костадиновска-Стојчевска објасни дека во критериумите од конкурсот наменети за манифестации со традиција е јасно наведено кој може да добие поголема финансиска поддршка.
„Првпат годинава за ’Рацинови средби‘ аплицираше здружение, за разлика од изминатите 60 години кога манифестацијата ја организираше Општина Велес. Во еден од критериумите е јасно видливо дека здружението што ќе се јави на конкурс за организирање одредена манифестација треба да има доказ дека минимум пет до седум години организирало ваков вид манифестации. Ова здружение дури имало потреба да ангажира тројца надворешни соработници. Што значи дека не покажува ни капацитет дека самото здружение некогаш имало организирано ваков вид манифестација туку Општината Велес во 2023 година ги делегирала надлежностите на ова здружение околу организација на манифестацијата. Тоа само наведува дека Општината сака да се откаже од организацијата на ’Рацинови средби‘ или дека има друг мотив за да делегира ваква важна манифестација да се организира од здружение, кое според своето портфолио не ги исполнува условите за тоа“, ја објасни министерката причината зошто велешкото здружение добило помал износ за проектот.
Надвор од Годишната програма на Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска, прашана за Универзалната сала, изјави дека изградбата продолжува по ревидиран проект преземен заедно со документацијата за преземање на правото за реконструкција на објектот.
„Проектот што беше доставен до Министерството за култура е разгледан од стручната комисија и е оценето дека ги има сите потребни мислења, и тој ревидиран проект е со вметнати измени за градба и со сите позитивни мислења за продолжување на реконструкцијата“, заврши министерката за култура.