За првпат во Македонија, убиство на животно завршува со затворска казна. Основниот кривичен суд – Скопје го осуди Љубе Крстевски на три месеци ефективен затвор за свирепото убиство на Феликс, а неговиот соучесник, Бранко Билбиловски, доби глоба од 1000 евра.
Феликс почина на 7 јануари 2025 година, од последици на брутално насилство. Анима Мунди и ЈП Лајка поднесоа кривична пријава, а денес добивме прва пресуда со затвор за убиство на животно. Ја добивме сите ние, што не молчевме. Во името на Феликс. Во име на сите животни кои никогаш не добиле правда.
Драги хумани граѓани, ова не е само судска одлука. Ова е правна пресвртница. Недоволна – да. Но гласна, недвосмислена и прва. И нема да остане последна. Оваа пресуда испраќа суштинска порака: дека животното не е предмет, дека насилството ќе носи последици. Дека владеењето на правото не е празна флоскула, туку мора да има вистинска тежина – особено кога општеството е сведок на системско молчење и отсуство на одговорност. Дека повеќе не може секој монструм да гази, убива и мачи без последици.
Судијката Лидија Петровска изјави: „Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост. Со изрекување на ефективна казна затвор се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат.“ Порака која е важно да се слушне гласно. Која сакаме да ѕвони во ушите на секој што мисли дека насилството врз животно е „ништо“.
Затоа што злосторства нема да остануваат неказнети. Никогаш повеќе.
Случајот со Феликс беше тест – за институциите, за моралот, за државата. Денес, системот покажа дека може да биде на страната на хуманоста, кога постои волја.
Наша длабока и јавна благодарност до:
️Јавниот обвинител Зоран Здравев, кој го водеше обвинението;
️Адвокатката Бранкица Миланова, која про боно ја застапуваше нашата кривична пријава – со целосна посветеност, знаење и храброст;
️ЈП ЛАЈКА, кое како сопственик на Феликс учествуваше во постапката и даде огромен придонес;
️Судијката Лидија Петровска, која направи вистински исчекор во судската пракса и постави нов стандард;
️Секој хуман и храбар граѓанин кој не молчеше!
ЗА ФЕЛИКС, ЗА ЖИВОТНИТЕ, ЗА ПРАВНА ДРЖАВА, ЗА ПРАВДА! – изјавија од Анима Мунди.
