„Заедно посилни“: Донации за фондот за луѓе што живеат со ХИВ во неповолна социјална положба

Сподели

 

Светскиот ден на СИДА, кој се одржува на 1 декември секоја година од 1988, е меѓународен ден посветен на подигнувањето на јавната свесност за ХИВ и СИДА, посебно истакнувајќи ги постигнатите достигнувања во превенција на ХИВ-инфекцијата, но и достапноста на терапија со чие навремено почнување и редовно земање се очекува повеќето луѓе да имаат просечно долг и квалитетен живот како и луѓето кои немаат ХИВ. Покрај сеќавањето на оние кои ја изгубиле битката со ХИВ, воедно се изразува солидарност со и поддршка на луѓето што живеат со ХИВ. Меѓународниот симбол за свесност и поддршка е црвената панделка.

По тој повод, здружението „Заедно посилни“ години наназад традиционално организира добротворен настан овој период од годината, на кој се прибираат донации за фондот за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ во неповолна социјална положба. Преку овој фонд на „Заедно посилни“ повеќе години континуирано се обезбедува скромна помош за овие лица и тоа: патни трошоци за редовна контрола и подигнување на терапија од Клиниката за инфективни болести во Скопје; ваучери за основни прехранбени и хигиенски производи на месечно ниво; и еднократна помош за лица во исклучително висок социјален ризик.

Воедно, годинава „Заедно посилни“ слави јубилеј – 10 години од основањето – во 2009 г. како неформална група во рамките на ХЕРА, а 2013 г. прераснува во граѓанска организација за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ.

Поддршката, и од граѓанските организации кои работат во оваа област и од институциите и од самите граѓани, е клучна во остварувањето на зацртаните цели, а тоа се: нулта толеранција на дискриминацијата, да се зголеми бројот на лица со ХИВ кои примаат терапија и да се намали бројот на нови инфекции кај возрасните. Само преку демонстрирањето обединет фронт и со заеднички напори можеме да ставиме крај на епидемијата на ХИВ и да придонесеме за нормализација на ХИВ притоа креирајќи овозможувачко и инклузивно опкружување за сите. Затоа, оваа година, кампањата не случајно е насловена #ЗаедноПосилни.

„Заедно посилни“ нуди информации, советување и едукација за ХИВ, како и поддршка за луѓето што живеат со ХИВ: врсничка, психосоцијална и правна. Во рамките на нивните простории функционира пункт за проверка на ХИВ-статус со обучен и доверлив персонал, каде што може да се направи бесплатно, брзо и анонимно тестирање за ХИВ, а резултатот се добива веднаш. Термините за оваа услуга се секоја среда и сабота од 17 до 20 часот.

Овогодишната кампања „Заедно посилни“ ја организира со поддршка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, Фондот за население при Обединетите нации (УНФПА), Евроазиската коалиција за машко здравје (ЕКОМ) од Естонија и Фондацијата Отворено општество – Македонија.