Ќе започнам со обраќање до Европските лидери – изјави премиерот Заев.
“Почитувани Европски лидери, не ги гасете ѕвездите кон кои посегаме, не станувајте наша пречка, бидете наши херои. Европскиот пат е наш единствен пат.
Втор пат оваа година, нашата земја и нашиот народ се во големо исчекување и очекување. На крајот на јуни и почетокот на јули од Брисел стигна пораката дека Северна Македонија ги исполнила очекуваните резултати, но дека само заради календарски усогласувања на земјите членки на ЕУ, добрата вест за одлука за преговорите за членство во Унијата ќе ни пристигне во октомври.
Еве го октомври. Дојдовме во Брисел и ја очекуваме заслужената вест за одлука за да почнеме преговори за нашата стратешка цел, членството на Северна Македонија во Европската Унија.Пристапивме искрено и чесно, разбираме и прифаќаме дека одделни членки на Европската Унија имаат потреба да ја отворат и заокружат дебатата за новата методологија за преговори. И ние сме за тоа.Сепак, сигурни сме дека и двата процеси можат и мора да одат паралелно. Методологијата може да се развие и спроведе, и тоа никако не пречи Северна Македонија да добие позитивна одлука сега и веднаш, за да ги започнеме преговорите за пристапување со ЕУ. Ни треба позитивна одлука сега и веднаш.Одлука за пристапните преговори за нас значи нов процес на задачи, рокови и упорна работа на граѓаните, институциите и целото општество – тоа е процес на отворање поглавја кој ќе ни овозможи да ги постигнеме стандардите на ЕУ и да го подобриме животот во Северна Македонија во сите области.После десет позитивни препораки на Европската комисија, оптимистичките заклучоци на Советот (во 2018 и 2019 година) и сите наши потврдени резултати и реформски зафати на европскиот пат – после сé што направивме, Владата, Парламентот, сите институции, јас како премиер, опозицијата а особено мојот народ – сигурни сме и убедени, како никогаш досега, дека треба да започнеме со преговорите – тоа е така бидејќи сме подготвени и политички и институционално. И граѓаните ни се повеќе од подготвени.Сработивме многу и спремни сме за уште повеќе работа и за соочување со сите предизвици што ги носи процесот.Секое одложување ќе биде прочитано како негативна одлука и ќе има многу негативни ефекти.Ќе има високо ниво на разочарување кај граѓаните и меѓу членовите на Парламентот кои го поддржаа спроведувањето на Договорот од Преспа.Да не заборавиме дека спроведувањето на Преспанскиот договор е поврзано со отворањето на поглавјата за Европската унија.Сакам добронамерно да предупредам дека ако не се испорача очекуваната и заслужена позитивна одлука, тогаш кредибилитетот на Европската Унија и довербата на нашите граѓани кон Унијата може да бидат ставени под знак прашалник.Ова со сигурност ќе ги поттикне регресивните сили во земјата и ќе го зајакне интересот на трети страни во регионот. Ако ЕУ покаже отсуство или слабост за Западен Балкан, тогаш третите страни ќе го пополнат вакумот.Затоа, почитувани лидери на Европската Унија, немојте да ја гасите светлата ѕвезда кон која се стремиме. Немојте да станувате нашата пречка. Бидете нашите херои.Почетокот на преговорите ќе ни помогне да поттикнеме уште посилен ангажман на сите групи и заедници во нашата земја, да создадеме повеќе работни места и да ги задржиме младите дома, ангажирани и посветени.Почитувани, сега сакам да упатам порака до моите граѓани, до мојот горд и посветен народ:Нашиот пат е еден и исправен – преку заедништво, работа и меѓусебно почитување постигнуваме резултати.Никој не може да ни ги одземе реформите и промените кои заедно ги постигнавме, а од оваа неизвесност ќе излеземе само посилни и поискусни. И никој не може да не спречи да продолжиме по патот по кој цврсто напредуваме – патот на раст на платите, патот на борба против корупцијата, сиромаштијата и загадувањето, патот на социјална заштита на ранливите, патот на градење институции кои се поткрепа на секој граѓанин.Тоа е патот по која одеа и одат сите земји членки на НАТО и ЕУ. Преку внатрешно јакнење и преку регионална соработка со сите наши соседи и со сите земји кои се наши пријатели, ќе продолжиме уште посилно да ја градиме Северна Македонија како земја на можности, мозаик на вредности и различности.Почитувани граѓани, стануваме членка на НАТО, што беше наша стратешка цел од независноста до денес. Тоа не носи неповратно напред, стабилни и безбедни во сојуз со најмоќните. Во исто време ќе продолжиме да бидеме пример и мотивација за позитивна промена во регионот. Јасно е дека Балканот се промени и дека станува извор на стабилност. ЕУ добро го знае тоа и мора да прифати дека и Балканот е европски. Остануваме посветени и со работа докажуваме каде ни е местото.Тоа е добро за нас, за регионот и за самите ЕУ.На крајот би сакал да се заблагодарам на комесарот Хан за неговиот огромен личен ангажман за добивањето на одлуката за преговори и за целиот негов напор во изминатите години, месеци и денови. Комесаре Хан, драг Јоханес, ве уверувам дека Република Северна Македонија високо го цени ова и ви ветувам дека никогаш нема да го заборави. Вие сте голем пријател на нашата земја.Ви благодарам!” додаде премиерот на заедничката прес-конференција со Јоханес Хан.