Заев: Драги деца, родители и наставници нека е среќен првиот училишен ден!

Сподели

 

“На сите првачиња и на сите родители им го честитам почетокот на најважната фаза во нивниот живот кога ќе ги истражуваат неизмерните длабочини на знаењето. Знам дека нивната љубопитност и желба за истражување ќе им донесе радост за секое стекнато знаење. Тоа е нивниот влог за успешна и убава иднина”, се обрати премиерот Заев по повод првиот училишен ден.

Несомнено е дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците.

Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието.

Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите кои се бават со психо-физичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи.

Владата, заедно со Министерството за образование, ги вложи сите напори во обезбедувањето  на здравствено безбедни средини за учениците.

За да се спречи ширењето на КОВИД-19 во училиштата потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители, од општините.

 

Јас сум убеден дека децата веќе знаат зошто ги носат маските и зошто ќе се дружат малку пооддалечени еден од друг.

Важно е да бидеме одговорни и надвор од училиштата. Затоа и ја стимулираме вакцинацијата, бидејќи колку повеќе ни се заштитени возрасните дома, толку послободни ни се децата на училиште. Ако сите се придржуваме до мерките, послободни ќе ја поминеме оваа училишна година и со тоа ќе придонесеме да биде и последна ваква, пандемиска.

Сите сме заедно во ова и секоја поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците е добредојдена. Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање и свест.

Драги деца, родители и наставници нека е среќен првиот училишен ден!”, им посака премиерот Зоран Заев.