Премиерот Зоран Заев, во обраќањето се заблагодари за можноста што ја отвори Светскиот економски форум за денешниот настан, на којшто се разговараше за идната соработка на регионот и за иднината на регионот.
Премиерот Заев рече дека денес гледа светлина, бидејќи ЕУ испрати сигнал дека за регионот нема друга алтернатива освен интеграцијата во ЕУ. Тој додаде дека процесите мора да продолжат бидејќи постои можност за развој на национализмот, популизмот и радикализмот. Премиерот Заев оцени дека е добро тоа што Република Хрватска ќе претседава со ЕУ од јануари 2020 година бидејќи ќе биде фокусирана кон регионот и изрази надеж дека на Самитот во Загреб ќе има позитивна одлука и за Република Северна Македонија и за Република Албанија и за целиот регион.
Премиерот Заев, на прес-конференцијата посочи дека за нашата држава, не станува збор само за тоа дека е земја кандидатка 14 години, туку го развива успешно мултиетничкото општество преку концептот Едно општество за сите, направи реформи, договори со Бугарија и Грција и од авторитарен режим ја обнови демократијата. Направивме толку многу, потсети премиерот Заев на заедничката лидерска прес-конференција.
Претставниците на Светскиот економски форум се согласија дека политичките можности се важни, како и дека постои поврзаност на политичката соработка со социјалната и економската соработка. Посочено е на тоа што е разговарано на денешниот состанок, за важноста од новите технологии и компетитивноста коишто можат да го движат економскиот раст и да отвораат работни места. Оценето е дека денес за економскиот раст работите се во позитивен правец и дека секоја од државите има преземено реформски чекори за инклузивен раст и поголема регионална интеграција. Констатирано е дека ова има многу можности, што ги отвора четвртата индустриска револуција, како и дека во соработка меѓу Светскиот економски форум и земјите од Западен Балкан ќе биде лансиран регионалниот акцелератор за претприемништво и ќе се воспостави регионален совет за компетитивност.
На прес-конференцијата, секој од лидерите на земјите од Западен Балкан изрази благодарност за продуктивноста и можноста за отворената дебата од Светскиот економски форум за економскиот развој на регионот како и за политичките перспективи, коишто сите лидери, ги гледаат во европските интеграции.