Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на најавената лидерска средба за денес, ќе се обидат да најдат решение за Законот за јавно обвинителство, со кој се регулира и судбината на Специјалното јавно обвинителство.
Лидерската средба ќе се одржи во Собранието со почеток во 20 часот и ќе се одржи во формат еден плус четири.
Од ВМРО -ДПМНЕ за МИА го потврдија одржувањето на лидерската, но нагласија дека освен за Законот за јавно обвинителство, тема ќе бидат и предвремените избори. Од партијата велат дека темата предвремени избори била услов за одржување на лидерската средба.
– Ако веднаш одиме на избори, тоа ќе донесе нови дисторзии на општеството, за шест до девет месеци застанува сѐ. Државата одамна ни немала редовни избори. Ред е да оставиме еден мандат, посебно ако се решени историските прашања. Верувам дека до декември не е соодветно решение, но крајот на октомври ние можеме да одиме на избори во 2020, изјави претходно премиерот Заев.
Според него сега фокусот се членството во НАТО и преговорите со ЕУ, но и домашните реформи – економијата, борбата против криминалот и корупцијата, правниот систем, образованието, културата, се што е важно за граѓаните.